„14 часа“ – танцов перформанс за совршениот баланс во универзумот

Александра Мијалкова, балерина.

„14 часа“, современиот балет на танчерот и кореограф Игор Киров, работен на музика од Кирил Џајковски и со либрето и во режија на Наташа Поплавска, премиерно ќе биде изведен в недела, на 22 декември, од 20 часот, на сцената на Македонската опера и балет. Во претставата на невообичаен начин се прикажува фрагмент од животната сторија на еден брачен пар, а проектот е базиран на играта на првенците Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили.
Инспириран од дуетот „Не толку близу – Not2Close“ на изведувачкото уметничко дуо Александра Мијалкова – Васил Чичијашвили од мај годинава, „14 часа“ е едночасовен модерен танцов перформанс во кој се раскажува значаен момент од животот на еден брачен пар.
Јас се адаптирав на нивниот стил, а тие се потрудија да ги следат моите препораки, за да заеднички го најдеме тој баланс помеѓу себе.
Игор Киров, кореограф.

Авторот, познатиот македонски танчер и кореограф со интернационално искуство Игор Киров, вели дека во ова дело сакал да собере проверена екипа во која ќе влезат режисерката Наташа Поплавска, композиторот Кирил Џајковски и Александар Ношпал како дизајнер на костимите и дека целта му била заедно со првенците Мијалкова и Чичијашвили да потпише претстава во чија суштина ќе бидат техниката и енергијата.
Самиот број 14 е симбол на барање на возвишеното односно совршенството.
Наташа Поплавска, режисерка.

„За разлика од мојот претходен проект „Хе,хе...хелиум“, во кој што настапуваа современи танчери, овде соработував со врвни уметници кои имаат класична наобразба и со кои процесот на работа е сепак поразличен. Но, на крајот на краиштата, јас се адаптирав на нивниот стил, а тие се потрудија да ги следат моите препораки, за да заеднички го најдеме тој баланс помеѓу себе“, вели Киров.

Во останатите улоги настапуваат Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Ангела Велевска, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Киселев и Трајче Стојковски.

Режисерката и автор на либретото за „14 часа“, Наташа Поплавска, истакнува дека со посебен пиетет им се обраќа на ангажманите во МОБ и дека ова нејзе, по „Врати“ на Олга Панго, ѝ е втор балет во кој, пак, е навистина среќна што работи со кореограф како Киров бидејќи како играч го следи од самите негови почетоци. Таа дополнува дека е заситена од претстави во кои режисерите многу говорат и затоа овојпат својот личен печат го тргнува на страна за да се прилагоди на естетиката и модерните стремежи во танцот на овој уметник.
Во однос на либретото нагласува дека тоа говори за балансот и за контактот помеѓу луѓето и дека нивната приказна, всушност, почнува со прославата на десетгодишнината од бракот на една двојка и трае во наредните 14 часа.

„Самиот број 14 е симбол на барање на возвишеното односно совршенството. Бројот 14 е често присутен и во Библијата, што значи дека се работи за збирот од 7 + 7 кој прават 14 и од тука го прават совршениот баланс во Универзумот“, вели Поплавска.

Од друга страна, кореографот ќе рече дека и идејното решение за костимите на Ношпал овојпат излегува од стилот на она што тој досега го работел, а говорејќи за музиката на Џајковски потенцира дека се работи за одбир на композиции од неговиот пребогат опус на кој многупати и самиот настапувал на светските сцени.

„Со Џајковски направивме еден заеднички склоп на нешто што на сите ни е блиско и на нешто што не е или е помалку познато, музика која што луѓето можеби ќе ја препознаат и музика која што некои досега воопшто ја немаат слушнато. Сето тоа е измиксано во 63-минутен саундтрак за овој модерен балетски перформанс“, вели Киров.