Центар може да иницира постапка за Скопје 2014

Во ревизорскиот извештај за Скопје 2014 има елементи за покренување постапка во МВР а општината Центар како оштетена страна тоа треба да го направи, смета професор Осман Кадриу. Станува збор за спорните 8 - те милиона евра посочени вчера за кои градоначалникот Андреј Жерновски најави дека ќе го чека Обвинителството додека ВМРО ДПМНЕ го повика да достави пријави.
ВМРО-ДПМНЕ инсистира Жерновски без понатамошни одлагања да поднесе кривични пријави против тие за кои сметаат дека ги прекршиле законите во врска со проектот Скопје 2014 и тоа да го стори лично како градоначалник.Тој, пак, чека на реакции од Обвинителството пред да преземе други мерки.
Овој материјал што до сега е доставен е доволен аргумент и доволна индикација[...]за да можат органите за прогон да покренат одредена постапка.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Професор Осман Кадриу вели дека треба да има натамошна постапка, затоа што има доволно индикации Обвинителството и Истражниот суд да постапат по случајот.

„Овој материјал што досега е доставен, што се однесува до мене, е доволен аргумент и доволна индикација, иако е се уште, велам и тврдам, на ниво на сомневање, е подобна за да можат органите за прогон да покренат одредена постапка“, вели Кадриу.

Од владејачката партијата во реакцијата на извештајот за Скопје 2014, обвинуваат дека Жерновски и СДСМ сакаат оваа тема да не се расчисти.
Жерновски и СДСМ треба да престанат да се кријат зад комисии, зад соопштенија, зад институции, обвинителство и без одлагање да поднесат кривични пријави.
Писмено соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Жерновски и СДСМ треба да престанат да се кријат зад комисии, зад соопштенија, зад институции, обвинителство, платени портали и сами без одлагање, врз основа на закон да поднесат кривични пријави за паушалните тврдења дека не се почитувани законите при реализацијата на проектот Скопје 2014 од страна на Општина Центар“, стои во соопштението.

Жерновски вели дека работите во извештајот се јасни, така што нема судство и обвинителство што може да ги прескокне.

„Меѓутоа ако се случи, се надевам дека нема да се случи, тие да не излезат со свои ставови, мислам дека многу посилен ќе биде наодот на граѓаните за кои се надевам дека после оваа прес конференција и после овие податоци, самите многу лесно ќе можат да си ги донесат заклучоците“, рече Жерновски.

На прашањето дали ќе покрене истрага за дел од вработените во општината ако биле вмешани во целата процедура, Жерновски пак се повика на обвинителството, велејќи дека сака да ги слушне нивните наоди.

„Затоа овој предмет оди во Обвинителството, сакам да ги слушнам нивните наоди за понатаму да видиме како и што ќе постапиме, не исклучувам ниту една можност, меѓутоа ова претставува извонреден тест да видиме македонското судство како работи“, рече Жерновски.

Во овој случај Општината Центар е оштетена страна и иако немаат право на кривична пријава, но можат да се обратат до МВР и тие да покренат постапка со конкретна кривична пријава, вели Кадриу.

„Тие можат да иницираат постапка затоа што тие во овој случај се јавуваат како оштетена странка и укажуваат на одреден криминал кој е извршен тука, а натамошната постапка ќе зависи од органите за прогон, тие ќе мора одговорно, стручно и професионално да ги анализираат сите овие укажувања и информации што ги поднесува општината Центар во конкретниот случај“, вели Кадриу.

На вчерашната презентација беше посочено дека општината била оштетена за 8 милиони евра само за споменици за Скопје 2014.