Достапни линкови

Опозицијата бара пари и за внатрешноста, а не само за Скопје


Секој кичевчанец, тетовчанец, струмичанец, охриѓанец, битолчанец, плаќа за Шпанските скали во Скопје, а депонијата и загадувањето не е врвен приоритет, обвини пратеничката Весна Бендевска од СДСМ.

Шпанските скали, Панорамското тркало и градски плажи се приоритетите на Владата во предлог буџетот за 2014 година, пари за регионален развој и за заштита на животната средина нема, обвини опозицијата. На комисиската расправа на која се разгледуваа поднесените амандмани, опозицијата тврди дека буџетот е посветен само на Скопје и е на штета на другите општини, а градоначалниците се само марионети во рацете на Владата.
Секој кичевчанец, тетовчанец, струмичанец, охриѓанец, битолчанец, плаќа за Шпанските скали во Скопје, а депонијата и загадувањето не е врвен приоритет.
Весна Бендевска, СДСМ.

Барањата на опозицијата за повеќе пари за пречистителни станици, изградба на депонии и слични проекти за заштита на животна средина беа одбиени. Пратеничката од СДСМ Весна Бендевска вели дека изградбата на депонија во Кичево треба да биде еден од главните приоритети.
Архивска фотографија: Собраниска комисија за финансирање и буџет.
Архивска фотографија: Собраниска комисија за финансирање и буџет.

Сега е многу едноставно, јас сакам да направам да одиме на Месечината. Е, ајде, сте сакале. Е, зошто вие не нè пуштате да одиме на Месечината, мислам детски е малку.
Трајчо Димков, ВМРО-ДПМНЕ.
„Не постои и во овој буџет ниту еден проект за Кичево. Се нашле, се лоцирани средства како што има Македонско село Скопје, изградба на плажи Скопје, административни згради тешки милијарди денари, Скопје, и секој кичевчанец, тетовчанец, струмичанец, охриѓанец, битолчанец, плаќа за Шпанските скали во Скопје, а депонијата и загадувањето не е врвен приоритет“, обвини Бендевска.

Пратеникот од владејачката коалиција Илија Китановски изјави дека не може да поддржуваат амандмани за нешто за кое нема ниту план ниту проект.

„Не може да поддржиме амандман за изградба на депонија во Кичево, кога немаме ниту локација, ниту проект за тоа“, вели Китановски.

На тоа Бендесвка одговори дека план и програма има, само нема политичка волја. Опозицискиот пратеник Митре Велјановски од говорницата посочи дека процесот на децентрализација во Македонија е закочен.

„Сите општини се доведени во зависна ситуација од централната власт. Градоначалниците во сите општини во Република Македонија се марионети, независно од која политичка провиниенција се“, рече Велјановски.

Опозициската пратеничка Билјана Казанџиска обвини дека нејзиниот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков, поддржува криминал во Штип.

„Дали има криминал? Свесни сте и знаете, да, има криминал вреден два милиони евра. Дали работата се заврши со кредитот? Не. Дали некој ќе одговара? Не. Дали вие штитите криминал? Да. Велите дека јас зборувам лично против Зоран Алексов. Кој го раскина договорот, кој не го признава кредитот, јас или вашиот градоначалник Илчо Захариев“, праша Казанџиска.

Димков возврати со обвинување дека нејзиното однесување е детско, а дека нејзините амандмани се неиздржани и затоа не може да ги поддржи.

„Значи, не може одеднаш, ајде сега ние ќе даваме. Имате вие проект, конечно решение, како би поинаку изгледало. Вие не кажавте што планирате со тоа. Сега е многу едноставно, јас сакам да направам да одиме на Месечината. Е, ајде, сте сакале. Е, зошто вие не нè пуштате да одиме на Месечината, мислам детски е малку“, одговори Димков.

Во Собрание се поднесени вкупно 684 амандмани. Расправата во Комисијата се одвиваше во двојки, дебатираа исклучиво по двајца пратеници, еден од ВМРО-ДПМНЕ и еден од СДСМ кои меѓусебно си се прозиваа. Најчест одговор на министерот за финансии Зоран Ставревски беше „Амандманот не се прифаќа“.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG