Објавена антологија на драмски текстови за деца и млади

Тринаесет нови и необјавени пиеси од шест македонски автори се објавени во Антологијата на драмски текстови за деца и млади што деновиве ја публикуваше издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Станува збор за навистина ретко издание, чија цел е да се помогне развојот на театарот за деца и млади во Македонија, но и да се фрли зрак светлина врз творците чии дела во практика се маргинализирани и потценети.
Киро Донев, Трајче Кацаров, Љубинка Донева, Љубомир Грбевски, Билјана Станковска и Христо Петрески, се авторите кои со 13 нови и необјавени пиеси се застапени во Антологијата на драмски текстови за деца и млади што како издание на „Феникс“ и фондацијата „Македонија презент“ се појави деновиве. Се работи за пионерски потфат чија основна идеја е развој на театарот за деца и млади и посебно препорака за изведување и понатамошна афирмација на необјавените и неизведувани драмски текстови од малубројните, но вредни македонски автори чии што ракописи во практика собираат прашина додека во театрите продолжува лелекот од недостиг на овој вид творештво.
Јас како приредувач на ова издание сакав да го надминав овој јаз кој што постои меѓу театрите и авторите. Едноставно да ги изберам и публикувам тие неколкумина драмски автори кои што пишуваат текстови за деца и млади од една страна, истите да им бидат презентирани и на дофат на театарските куќи со една единствена намера и цел – најмладите читатели и гледачи да имаат театарски претстави коишто се современи, актуелни, интерактивни и кои што говорат за проблемите на децата и на младите, кои што говорат за ова наше денешно совремие.
Христо Петрески, писател.

„Јас како приредувач на ова издание сакав да го надминав овој јаз кој што постои меѓу театрите и авторите. Едноставно да ги изберам и публикувам тие неколкумина драмски автори кои што пишуваат текстови за деца и млади од една страна, истите да им бидат презентирани и на дофат на театарските куќи со една единствена намера и цел – најмладите читатели и гледачи да имаат театарски претстави коишто се современи, актуелни, интерактивни и кои што говорат за проблемите на децата и на младите, кои што говорат за ова наше денешно совремие“, истакнува Христо Петрески, кој овде е застапен со три свои пиеси - „Дедо Мраз гради фабрика за чоколади“, „Прва љубов“ и „Баба Мраз и Дедо Зима“.

Љубомир Грбевски Џери, писател.


Љубомир Грбевски Џери, откако ќе забележи дека долги години кај нас овој вид творештво за младите како да беше во хибернација, потенцира дека крајно време е да се разбудиме и да се обидеме да го фатиме чекорот со кој грабат нашите комшии – Србите и Бугарите.
Детската литература во Македонија е на многу ниско ниво и во неа недостигаат оние теми што се современи, урбани. Наместо да се прераскажуваат, да се рециклираат пасторалните теми, треба да се свртиме кон нешто друго. Генерации наши деца веќе долго, долго време растат во урбани средини и прво ќе видат жирафа па после ќе видат коза, а ние навистина немаме некоја литература која ќе ги обработува тие феномени.
Љубомир Грбевски Џери, писател.

„На оваа Антологија на детската драма и, да речеме, на повторното заживување на Детската радио-драма на Радио Скопје, треба да се гледа како на први кокичиња, што се вели, после долга, долга, долга зима. Верувам дека ова ќе биде еден импулс малку да се заживее овој вид творештво и домашните автори да се стимулираат со одредени конкурси и можности нивните дела да осамнат на сцените или на радиопрограмите“, вели Грбевски.

Авторот на „Сликата на Доријан Змеј“ дополнува дека притоа особено е важно творците да се збогуваат со веќе проџваканите теми и да проникнат во реалноста во кое растат новите генерации.

„Детската литература во Македонија е на многу ниско ниво и во неа недостигаат оние теми што се современи, урбани. Наместо да се прераскажуваат, да се рециклираат пасторалните теми, треба да се свртиме кон нешто друго. Генерации наши деца веќе долго, долго време растат во урбани средини и прво ќе видат жирафа па после ќе видат коза, а ние навистина немаме некоја литература која ќе ги обработува тие феномени“, вели Грбевски.

Трајче Кацаров, кој пак во Антологијата на драмски текстови за деца и млади е присутен со пиесата „Токму на полноќ“, потенцира дека за онаа публика која што влегува во театарот уште од најраните години, онаа публика која уште од детството почнала да аплаудира или да дава свој прилог кон сценскиот израз велиме дека е култивирана и дека таа може на најдобар можен начин да ја понесе театризираната стварност и да се сроди со неа. Тој смета дека кај нас многу малку и посветуваме внимание на драмската литература за деца и затоа вели дека оваа објава се воздига до Антологија будење .

„Оваа Антологија всушност значи Антологија будење или Антологија посочување на она што е главен или важен реалитет во сценскиот израз, поготово во театарската едукација, односно во сродувањето или стварањето или сфаќањето на театралната, театарската стварност уште од најраните години“, вели Кацаров.