Обама: нема воен удар врз Сирија, засега

Барак Обама на телевизиското обраќање до нацијата од Белата куќа.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Вашингтон и сојузниците ќе му дадат шанса на рускиот предлог за контрола на сириското хемиско оружје. Сепак, според него, војската останува распоредена за можни удари врз Сирија.
Во телевизиското обраќање од Белата куќа, претседателот Барак Обама изјави дека се уште е рано да се каже дали ќе успее планот на Москва да се стави сириското хемиско оружје под меѓународна контрола. Но, како што додаде, имало некои охрабрувачки знаци.

„Сирискиот режим сега призна дека поседува такво оружје и дури вели дека ќе и се приклучи на Конвенцијата за хемиско оружје со која се забранува негова употреба. Прерано е да се каже дали оваа понуда ќе успее, но таа е можност да се отстрани заканата од хемиско оружје без употреба на сила, бидејќи Русија е еден од најсилните сојузници на Асад.“

Барак Обама и Владимир Путин на самитот на Г20 во Санкт Петербург


Како и да е, Обама додаде дека и наредил на војската да остане подготвена да дејствува против режимот на Асад доколку не успеат дипломатските напори.

Според рускиот план објавен вчера, меѓународни посматрачи ќе бидат испратени во Сирија да ги обезбедат складираните количества хемиско оружје што потоа ќе бидат уништени. Дамаск веќе го потпиша ваквиот план.

Ако не успееме да дејствуваме, режимот на Асад нема да гледа причина да запре да употребува хемиско оружје. Ако не го запреме и другите тирани ќе немаат причина да користат отровен гас. Со време, нашите сили повторно ќе се соочат со можна хемиска војна.
Барак Обама, претседател на САД

Обама додаде дека ќе ги продолжи разговорите со рускиот претседател Путин и оти Вашингтон, заедно со Британија и Франција, ќе работи со Русија и Кина на нова резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Американскиот државен секретар Џон Кери треба утре во Женева да се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Обама изјави дека секој договор мора да верификува дека режимот на Асад ќе ги исполни своите обврски.

Вашингтон соопшти дека има докази оти сирискиот режим го извршил нападот со нервен гас сарин на 21 август во близина на Дамаск кога загинале над 1400 луѓе.

Говорот на Обама, според претходните очекувања, требаше да биде обид за убедување на скептичната домашна јавност дека ограничените напади врз Сирија се неопходни за зачувување на американските национални интереси.

Наместо тоа, тој изјави дека побарал од лидерите во Конгресот да го одложат гласањето за одобрување на употребата на сила. Сепак, поголемиот дел од неговиот говор беше посветен на објаснувањето зошто тој верува дека нападите се неопходни.

„Ако не успееме да дејствуваме, режимот на Асад нема да гледа причина да запре да употребува хемиско оружје. Ако не го запреме и другите тирани ќе имаат причина да користат отровен гас. Со време, нашите сили повторно ќе се соочат со можна хемиска војна.“

Џон Кери. државен секретар на САД


Според Обама, тоа ќе го охрабри и Иран, земја за која Западот вели дека развива нуклеарно оружје. Тој исто така повтори дека во евентуалната акција нема да бидат инволвирани американски копнени сили во Сирија.

Марк Џакобсон, експерт од Маршаловата фондација во Вашингтон, смета дека ваквиот приод на Обама е реален.

„Мислам дека русите ќе сфатат дека ова е искрен напор да се каже оти Соедините држави имаат волја да работат со вас на дипломатско решение, без да ја тргнат од маса воената опција. Мислам дека Обама беше јасен дека и при остварувањето на планот ќе треба некаков вид на механизам за негово спроведување.“

Во меѓувреме, Русија ја отфрли резолуцијата предложена од Франција, бидејќи се неа се предвидувале сериозни последици доколку Асад не го почитува планот. Претходно, Путин изјави дека рускиот предлог ќе успее само доколку Вашингтон ја отфрли можноста од употреба на сила.