Прва изложба на „Остен“ во Прага

Свечено отворање на Изложбата на Светската галерија „Остен" во Галеријата на уметничката критика во Прага.

Над 150 дела, селектирани од вкупно 5.500 од 70-тина светски автори, сопственост на Музејот на цртежи и графики на македонската галерија „Остен“, во периодот од 20 август до 15 септември, се изложени во Галеријата на уметничката критика во палатата „Адриа“ во Прага, Република Чешка. Станува збор за несекојдневна промоција на уметноста на хартија во ова модерно време и за вистински показ од потребата за комуникација меѓу народите преку трајните вредности.
По неодамнешното претставување во Цетиње, во Црна Гора, Музејот на цртежи и графики на галеријата „Остен“, дел од својата богата колекција им го понуди и на влубениците во уметноста од Прага. Над 150 дела, одбрани од „Биеналето на цртеж“ ( конкурсот за цртеж и уметност на хартија на кој учествуваат уметници од целиот свет) и од наградените автори во периодот 2009 – 2012 од Светската галерија на цртеж, ја чинат уникатната изложба што во Галеријата на уметничката критика во чешката метропола се одвива од 20 август до 15 септември годинава.
Бевме сведоци на тоа дека Чесите знаат да ја ценат уметноста, да ги ценат големите уметници, та затоа нималку не чуди што господинот Борн беше ѕвезда таа вечер. Едноставно сите претставници на медиумите што дојдоа да ја проследат изложбата не пропуштија да поразговараат со него и така да го искажат своето задоволство што и тој е еден од наградените автори од Светската галерија.
Корнелија Коневска, извршна директорка на „Остен“.

Извршната директорка на „Остен“ Корнелија Коневска, која заедно со Мице Јанкуловски и Власта Чихакова – Ноширо како куратори ја потпишуваат постановката, вели дека она што нив првично ги воодушевило е големиот интерес на публиката за овој културен настан кој рака на срце сепак се одржува во време на годишните одмори .

„Како организатори бевме радосни и од тоа што со своето присуство не почести и господинот Адолф Борн , еден од големите чешки уметници, графичар, карикатурист и автор на анимирани филмови, чиј прв цртеж е обезбеден во колекцијата уште во 1972 година. Бевме сведоци на тоа дека Чесите знаат да ја ценат
уметноста, да ги ценат големите уметници, та затоа нималку не чуди што господинот Борн беше ѕвезда таа вечер. Едноставно сите претставници на медиумите што дојдоа да ја проследат изложбата не пропуштија да поразговараат со него и така да го искажат своето задоволство што и тој е еден од наградените автори од Светската галерија. “

Со ваквите активности мислам дека значително допринесуваме не само за афирмација на македонската уметност туку и за афирмација на Македонија како одредиште каде што можат да се следат и да се случуваат големи интернационални настани од областа на културата.
Корнелија Коневска, извршна директорка на „Остен“.

Коневска забележува дека со ваквите исчекори и особено со оваа изложба во Прага, „Остен“ во практика ги спроведува плановите за интернационална промоција на сопствените активности и на уметниците со кои подолго соработува.

„Она што сакаме особено да го потенцираме е тоа дека и во условно малите земји како што е нашата, како што е Македонија, сепак можат да се случуваат големи светски процеси односно настани кои што се од интернационално значење во областа на уметноста како што во суштина е и Светската галерија на цртеж.“

Од таму таа истакнува дека покрај делата на големите Пикасо, Вазарели, Борн...од извонредно значење е што на постановката се најдоа и наградените на македонските автори како Глигор Чемерски, Васко Ташковски, Атанас Ботев, Благојче Наумовски Бане, Тони Шулајковски и други.

„Со ваквите активности мислам дека значително допринесуваме не само за афирмација на македонската уметност туку и за афирмација на Македонија како одредиште каде што можат да се следат и да се случуваат големи интернационални настани од областа на културата.“

Инаку, со цел да ја промовира уметноста на хартија во денешново модерно технолошко време и да се зачуваат трајните вредности, да се зачува колекцијата од 5.500 дела од 70-тина светски автори, од минатата година е формиран и Остен- Музејот на цртеж, прв од ваков вид во глобални рамки.