Немања Радуловиќ – новата виолинистичка ѕвезда на Охридско лето

Спрскиот виолинист Немања Радуловиќ.

Музичката програма на 53-то „Охридско лето“ завршува со концерт на еден од највпечатливите уметници од младата генерација – спрскиот виолинист Немања Радуловиќ. На 19 август од 21 часот придружуван од американската пијанистка Сузан Маноф, во црквата „Света Софија“, ќе одржи рецитал на кој ќе се претстави со дела на Чајковски, Моцарт, Бах, Франк и Равел.
Со имиџ на рок ѕвезда и портфолио во кое се престижните награди: Јоахим“ , „Џорџе Енеску“, „Антонио Страдивари“ „Јехуди Мењухин“, „Вијенјавски-Липински“..., српскиот виолинистот Немања Радуловиќ , треба да стави точка на исклучително успешната музичка програма на годинешното 53-то по ред „Охридско лето“, најголемата летна културна манифестација во Република Македонија.

Спрскиот виолинист Немања Радуловиќ и американската пијанистка Сузан Маноф.


Роден 1985 година во Ниш, уште пред заминувањето во странство, тој одржал стотина концерти и освоил бројни признанија како што се Октомвриската награда на град Белград за творештво на млади уметници, наградата за Талент на годината што ја доделува српското Министерство за образование и други. Знаењето го црпел од познатиот Џошуа Епштајн на Високата музичка школа во Сарбрикен, потем и на Факултетот за музичка уметност во Белград во класата на професор Дејан Михајловиќ, за да во септември 2000 година биде примен и на Националниот конзерваториум во Париз. Овде бил во класата на Патрис Фонтанзор, ги посетувал и мајсторските курсеви на прочуениот Јехуди Менјухин, а постдипломските студии го одвеле кај Салваторе Акарда на Академијата Валтер Штауфер во Кремона, Италија.

На конкурсот „Антонио Страдивари“ во 2001-та ја освоил втората награда бидејќи првата не била доделена, потем триумфирал во Букурешт ( прва и две специјални награди) на натпреварот „Жорж Енеску“, сликата се повторила две години подоцна и во Германија, а во 2005 ја освоил високата француска награда „Музички победници“, во категоријата „Интернационално откритие на годината“.
Радуловиќ зад себе има над илјада концерти и бројни снимки за европските радио и телевизиски станици. Настапувал во најпознатите светски сали како Концертгебау во Амстердам, Мегарон во Атина, Cité de la Musique во Париз, Palais des Beaux-Arts во Брисел, Филхармонијата во Келн, Карнеги Хол, како и на бројните меѓународни фестивали. Свирел со најдобрите светски оркестри меѓу кои со симфоничарите од Монтреал, Рио, Барцелона, Нирнберг, Филхармониските оркестри на Радио Франција, Рим, Штудгарт, Германската Државна филхармонија, Кралската Филхармонија – Лондон, Филхармонијата на Украина и многу други, а на рециталите се појавува придружуван од харфистката Мариел Норман и од пијанистките Сузан Маноф, Доминика Планкадоми и Лора Фавр- Кан. Тој зад себе има пет носачи на звук од кои последните два му се за славната дискографска куќа „Дека“, а соработувал и со познатите музичари како Најџел Кенеди, Еманиел Бертран, Ан Куфелек и со ансамблите The Devil’s Trills и Double Sens.

Спрскиот виолинист Немања Радуловиќ и американската пијанистка Сузан Маноф.


Почесниот доктор на Универзитетот во Ниш, кој патем повеќе личи на пејач на хеви-метал бенд отколку на класичен музичар, во Охрид доаѓа со одбир на композиции од безвремените Чајковски, Моцарт, Бах, Франк и Равел. Во намерите со својот шарм и виртуозност да ја освои и македонската публика, нему од драгоцена помош ќе му биде Сузан Маноф, пијанистката која е добро позната по својот афинитет кон камерната музика и со која Радуловиќ оствари плодна соработка во изминатава деценија.

Инаку, Американката редовно настапува на меѓународните натпревари во познатите светски концертни сали, милува да им се препушти на новите творечки предизвици експериментирајќи со проектите во кои се вкрстуваат музиката и театарот, а соработувала со видни уметници снимајќи за големите дискографски куќи како „Наив“, „Дека“, „Вирџин“, „Арион“ и други.
Сузан Mаноф е професор на Националниот конзерваториум за музика и танц во Париз, а во 2011 година беше прогласена за Витез на уметностите и литературата од Министерството за култура на Франција.