Кривогаштани полно со ергени

Илустрација: Кривогаштани.

Во Општина Кривогаштани има преку 500 ергени од 6500 жители. Голем дел од нив веќе зачекориле во четвртата деценија од животот.
Од 6500 жители на Општина Кривогаштани, преку 500 се ергени кои зачекориле во четвртата деценија од животот. Дел од нив веќе не планираат да се женат, друг дел имаат желба, но поради невработеноста и нискиот животен стандард, велат не се одлучуваат на таков чекор.
Младите сакаат полесна работа, полесно да дојдат до финансиски средства, девојчињата, девојките сакаат подобар живот, што е многу јасно и точно е, не одлучуваат да стапат во брак поради невработеноста, немаат егзистенција.
Жител на Кривогаштани.

„Младите сакаат полесна работа, полесно да дојдат до финансиски средства, девојчињата, девојките сакаат подобар живот, што е многу јасно и точно е, не одлучуваат да стапат во брак поради невработеноста, немаат егзистенција“, велат кривогаштанци.

Со ваков наталитет доаѓа во прашање опстојувањето на општината и на македонскиот национален идентитет.
Тони Заткоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.
Од друга страна, многу млади луѓе се иселуваат во градовите и во странство во потрага по подобри услови за живот, а не е мал бројот на оние кои заминуваат да работат на брод. Ова се причините за рапидното опаѓање на наталитетот во општината. Па на есен, само од село Кривогаштани, од преку 2000 жители, во прво одделение ќе се запишат само шест деца, а првачињата од сите 12 населени места во општината едвај ќе формираат една паралелка.

„И со ваквиот наталитет каков што го имаме, доаѓа во прашање самото опстојување на општината во наредните години, ние тие проблеми треба да ги гледаме перспективно за наредните 10 до 15 години, а со ваков наталитет доаѓа во прашање опстојувањето на општината и на македонскиот национален идентитет“, вели Тони Заткоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.

Оваа рурална општина е сериозно нападната од белата чума. Со цел да се стимулира наталитетот во општината, советниците донеле одлука на сите млади брачни парови да им се доделува бесплатно градежно и земјоделско земјиште. Па за секое новородено дете ќе се доделуваат еднократно по 5.000, а сукцесивно за секое трето, четврто и следно дете, по 10.000 денари.

Како што вели Заткоски, и општината и државата имаат обврска, и максимално се залагаат да го стопираат иселувањето и да го стимулираат наталитетот во општината. А, проблемот најдобро би можел да се реши, според градоначалникот, со создавање поскоро урбани услови за живот и можност за отворање на нови работни места. Во таа насока, општината настојува да привлече странски инвеститори и да ги мотивира иселениците да вложуваат во индустриската зона.