Дерала - Можно влошување на меѓуетничките односи

Џабир Дерала, претседател на невладината организација Цивил.

Меѓуетничките односи се крајно влошени и јас мислам дека од септември може да очекуваме уште повеќе влошувања, вели Џабир Дерала, претседател на Центарот за слобода - Цивил, во разговор за Радио Слободна Европа.
Господине Дерала, според некои политичари, постојат одредени групации однадвор кои не сакаат државата да оди напред и токму тие ги поттикнуваат етничките немири. Кој, според вас, однадвор има интерес да ги подгрева меѓуетничките тензии?

Ваквите изјави кои доаѓаат од политичари за кои пред десетина, дванаесет години се зборуваше истото дека доаѓаат однадвор и дека сакаат да поттикнат меѓуетнички немири, зборува само за едно непознавање на состојбите, во најблага форма кажано или пак едноставно бегање од одговорноста за тоа какви се состојбите особено во меѓуетничките односи во Македонија во моментов. Тие политичари кои сакаат да избегаат од одговорноста всушност се најодговорните за тоа какви се состојбите во етничките заедници во Македонија, бидејќи веќе подолго време се на власт и бидејќи подолго време ги имаат сите ресурси, сите инструменти на располагање да ги подобрат меѓуетничките односи. Вие не можете со такви политички какви што водат министерствата и владата во целина, кои се длабоко националистички и национал-шовинистички, супремистички настроени едни кон други, да очекувате потоа граѓаните да живеат хармонично и да се почитуваат, да ги почитуваат меѓусебните разлики. Во таа смисла владата е најодговорно за тоа во кава состојба се меѓуетничките односи во земјата и секако е најодговорна за тоа што земјава полека, но сигурно тоне во сериозна безбедносна криза.

Значи ли тоа дека е реален и оправдан стравот од натамошно влошување на меѓуетничките односи во Македонија?

Тој страв е реален, но јас веднаш ќе ви кажам, тие луѓе не доаѓаат од странство, тие луѓе се овде. Нашата влада исто така не доаѓа од странство, таа е овде и одговорноста е максимална и одговорноста е на оваа страна, внатре во границите на Република Македонија. Ако вие кажете дека имате надворешни фактори кои влијаат на безбедноста во земјата, значи вие сте во војна практично и пак е ваша одговорност зошто тие екстремистички струи кои би доаѓале однадвор, зошто тие би влегле тука, кој е нивниот интерес, мора да го објасните тоа. А секако меѓуетничките односи се крајно влошени и јас мислам дека од септември може да очекуваме уште повеќе влошувања.

Зошто токму септември?

Тоа е период кога се наближува и годишниот извештај на Европската Комисија за прогресот на Македонија, тоа е период кога гледаме дека ќе започнат сериозни процеси, односно многу рокови за обврски кои ги презеде владата, почнувајќи од настаните од 24 декември, завршувајќи со другите обврски кои ги има преземено јавно и на меѓународна сцена. Тука е проблемот со името, тука се сè погласните барања на етничките Албанци од коалициониот партнер во владата, конечно да почнат да се занимаваат со нивните проблеми, а не да случат како оружје на поголемата партија, односно на вистински владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто владејачките структури не сакаат системски да го решат ова прашање и наместо тоа нудат привремени и површни решенија?

Привремени и површни решенија не постојат, тоа се само мерки да се замачкаат очите на јавноста и да се дивертира вниманието од вистински одговорните луѓе во власта и во институциите. Се работи за политички елити кои меѓуетничките односи ги користат како машина за правење гласови и за одржување на власта. Ако навистина постоеше само малку политичка волја да се интегрираат различните етнички заедници, ние ќе имавме многу поинаква атмосфера во земјата.

Дали ова прашање постојано се злоупотребува од политичките партии за остварување на нивни интереси и воопшто за домашна употреба?

Секако, меѓуетничките односи од почетокот на независноста на Република Македонија се монета за поткусурување, да го кажеме тоа популарно, или се алатка во рацете на политичарите за меѓусебно пазарење, а секако во сферата на однос политичари – гласачи, меѓуетничките односи, односно национализмот секогаш е најевтината алатка за да дојде до што е можно повеќе политички поени, односно гласови и секогаш е најевтината алатка за да се избегне одговорноста за решавање на сериозни проблеми какви што се решавањето на вработувањето, социјалната сигурност, социјалната правда, владеењето на законот, на правото, демократијата и почитувањето на човековите права и слободи.

Што во конкретниот случај може да направи невладиниот сектор? Има ли моќ да го подобри тој меѓуетнички соживот и на каков начин може да влијае?

Не би сакал да бидам лажно скромен, но мислам дека невладиниот сектор во целина во Македонија, е единствениот сектор во Македонија на кој може да му се припишат одредени заслуги за тоа што состојбата не е уште полоша од ова што е. Сепак, граѓанските организации во Македонија, без оглед на нивното искуство, па дури и без оглед на нивната, би рекол, блага политичка афилијација кон една или кон друга страна, сепак, постои одредено нивно на свест според кое овие односи мора барем да се ублажат, ако не и да се санираат. За жал, сепак се малку невладините организации кои вистински, непристрасно и со висок професионализам пристапуваат кон проектите кои ги санираат меѓуетничките односи, меѓутоа тие се сепак значајни, многу значајни, оставаат сериозна трага, но кај многу мал број на корисници, бидејќи толкав им е и капацитетот, толкави се буџетите, поточно мали се буџетите. Јас можам да ви наведам пример и за тоа дека 10-кратно, 20-кратно повисоки буџети има Министерството за образование во доменот на меѓуетничките односи и не прави ништо, за разлика од невладини организации, кои со навистина скромни средства успеваат на направат маестрални потфати, особено меѓу децата и младите. Значи, нивните активности се со ограничен карактер, и во смисла на време и во смисла на број на лица кои се опфатени со нивните проекти, а секако дека се уште поограничени бидејќи ако вие направите еден мал чекор напред, институциите и политичките елити, било да се на власт или во опозиција, во овој случај мора да ги спомнеме и нив, тие одат 10 чекори назад.