Средната плата во Македонија - околу 220 евра

Илустрација.

Според податоците на Државниот завод за статистика, околу 273 илјади луѓе, односно скоро половина од работниците што добиваат плата, имаат пониски примања од 12 илјади денари.
Во Словенија јадат месо, во Македонија – зелка. Тоа значи дека југословенскиот просек е сарма. Користејќи ја оваа стара југословенска досетка, аналитичарите ја коментираат просечната плата во Македонија, која, според Државниот завод за статистика, се движи околу 21 илјади денари. Сепак, нашите пресметки покажуваат дека средната плата во Македонија е околу 13 илјади денари.

Според статистичарите, попрецизен индикатор од просечната плата е средната плата, односно медијаната. Ова особено важи за држави во кои висината на платите не е рамномерно распределена, односно има многу голем јаз меѓу највисоката и најниската. Во Државниот завод за статистика велат дека тие пресметуваат само просечна, но не и средна плата во земјава. Според џини индексот на Светската банка, Македонија е земја со најголема класна раслоеност во Европа. Минималната плата во земјата е 130 евра, а најголемата плата 82.590 евра.
Висина на плата Не примиле плата Неплатени семејни работници Непознато до 5.000 денари 5-8 илјади денари 8-10 илјади денари 10-12 илјади денари
Број на вработени 7.339 55.369 13.905 27.571 56.496 89.090 100.089
Висина на плата 12-16 илјади денари 16-20 илјади денари 20-25 илјади денари 25-30 илјади денари 30-40 илјади денари над од 40 илјади денари
Број на вработени 103.151 88.950 61.072 27.198 11.365 8.960
Извор: Публикација „Анкета за работна сила 2012“ на Државниот завод за статистика.

Просечната плата се добива кога ќе се направи збир на платите и тој ќе се подели на бројот на вработени. Средна плата, пак, е онаа што е повисока од половина од платите во земјата и пониска од другата половина. На пример, кога платите на 5 вработени ќе се подредат од највисока кон најниска, средна плата е таа што ја добива третиот на списокот.
Тој им рекол, јас имам 60 години, син ми има 30, а внук ми има една година. По таа логика, ние просечно имаме 30 години и сите сме силни мажи, но за жал, маж е само син ми, внук ми е многу мал, а јас сум многу стар. Така е и со нивото на просечната плата.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник, економски аналитичар.

Илустрација.

Користејќи ги податоците на државната статистика се обидовме приближно да ја пресметаме средната плата во земјава. Според публикацијата „Анкета за работна сила“ на Државниот завод за статистика, во Македонија во 2012 година имало околу 650 илјади вработени. Од нив, повеќе од 7 илјади не примиле плата, околу 55 илјади се неплатени семејни работници, а за скоро 14 илјади нема податоци. Од оние што примаат плата, 27.500 луѓе добиваат помалку од 5.000 денари, 56.500 работници добиваат меѓу 5 и 8 илјади денари, 89 илјади луѓе добиваат плата меѓу 8 и 10 илјади денари, 100 илјади работници имаат плата меѓу 10 и 12 илјади денари, 103 илјади луѓе имаат плата меѓу 12 и 16 илјади денари, 89 илјади луѓе земаат меѓу 16 и 20 илјади денари, 61 илјада земаат меѓу 20 и 25 илјади, 27 илјади вработени добиваат меѓу 25 и 30 илјади, 11.300 луѓе имаат плата меѓу 30 и 40 илјади денари, а скоро 9 илјади луѓе добиваат плата поголема од 40 илјади денари.

Ако ги тргнеме настрана луѓето што не примаат плата, оние кои се неплатени семејни работници и оние за кои е непознато, остануваат околу 574 илјади работници. Човекот што прима средна плата, треба да има повисоки примања од 287 илјади од вработените, а пониска од исто толку вработени.

Според овие податоци, 273 илјади луѓе добиваат плата пониска од 12 илјади денари. Тоа значи дека средната плата во Македонија е некаде на долната граница во групата плати меѓу 12 и 16 илјади денари. Според тоа, со можни отстапувања, средната плата според нашите пресметки веројатно е околу 13 илјади денари.

Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски вели дека просечната плата не секогаш дава реален одраз на движењето на платите во земјата. Како илустрација за движењето на платите, Најдовски раскажува анегдота за поранешниот социјалистички функционер Моша Пијаде кому директорите на некоја фабрика, на неговото прашање колкава е нивната плата, а колкави се платите на работниците, му кажале колкава е просечната плата во фабриката.

„Тој им рекол, јас имам 60 години, син ми има 30, а внук ми има една година. По таа логика, ние просечно имаме 30 години и сите сме силни мажи, но за жал, маж е само син ми, внук ми е многу мал, а јас сум многу стар. Така е и со нивото на просечната плата“, вели Најдовски.