Вечер на македонски композитори со Богоромова и Наунов

Сопранистката Гонца Богоромова и на пијанистот Андреј Наунов.

„Вечер на македонски композитори“ е насловен концертот на сопранистката Гонца Богоромова и на пијанистот Андреј Наунов, што во рамки на Скопско лето, ќе се одржи утревечер со почеток во 20:30 часот, во Музеј на град Скопје. Гостин ќе им биде виолончелистот Паскал Краповски, а покрај делата на еминентни домашни автори, премиерно ќе изведат и песни на Дамјан Темков и Бојана Петровиќ.
„Четири снежни мигновенија“ од Гоце Коларовски, „Есенски скици“ оп.25 со стихови од Блаже Коневски на Томислав Зоографски, „Вокализа“ од Сони Петровски, „Песна“ на Драган Ортаков работена на поезијата на Ацо Шопов, „Насмевка пред зорите“ на текст од Јован Котевски и музика на Александар Џамбазов се само некои од делата што ќе бидат изведени на концертот на дуото Гонца Богоромова (сопран) и Андреј Наунов (пијано) насловен како „Вечер на македонски композитори“.
Моја желба беше да посветам еден концерт на македонски композитори бидејќи, како уметник кој работи на нашата сцена, имам чувство дека недостасува едно обновување на делата за сопран и пијано. Ние треба да сме водечката сила која ќе ги изведува делата на нашите композитори, а со тоа се надевам дека ќе ни се отвори пат да настапуваме и надвор од земјата.
Гонца Богоромова, сопран.

Младите уметници на овој начин многу речовито ја искажуваат сопствената заложба за промоција на домашните творци и она што тие го оставиле или оставаат како наше автентично музичко творештво.

Сопранистката Гонца Богоромова.


„Моја желба беше да посветам еден концерт на македонски композитори бидејќи, како уметник кој работи на нашата сцена, имам чувство дека недостасува едно обновување на делата за сопран и пијано. Ние треба да сме водечката сила која ќе ги изведува делата на нашите композитори, а со тоа се надевам дека ќе ни се отвори пат да настапуваме и надвор од земјата“, вели Богоромова.
Долго се познаваме и знаеме кој какви експресии може да донесе на сцена и на тој начин соработката се одвива одлично.
Андреј Наунов, пијанист.

Родена во Струмица, сопранистката своите почетоци ги имала во детскиот хор „Деница“. Образованието го продолжила во Штип каде ги бележи првите успеси станувајќи лауреат на Државните натпревари, за да потем дипломира со највисоки почести cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Билјана Ј. Јакимовска.

Пијанистот Андреј Наунов.


Своето професионално деби го остварува во 2006 година како солист со Македонската филхармонија на „Интерфест“ во Битола и од тој момент започнува нејзината активна дејност настапувајќи на концертните сцени во Македонија (Скопско лето, ДММ, Охридско лето...), Србија, Бугарија, Грција, Романија, Словенија, Босна и Херцеговина, Италија и соработувајќи со еминентни музичари од земјава и од странство. Паралелно со својата солистичка активност, Богоромова е член и прв солист на хоровите „Моис Хасон“, „Франце Прешерн“ и „Рождество на Пресвета Богородица“, на ансамблот „Вокали“ и работи како наставник по соло пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, „Центар за обука – Ева“ и во хорот на МОБ.
Во Македонија многу, многу малку постои литература конкретно за сопран и за виолончело, така што Дамјан се согласи да ни напише дело посветено за нас двајца, а Бојана Петровиќ исто така напиша една песна посветена за мене, така што јас сум им бескрајно благодарна за тоа што го направија за нас, а воедно се случи и еден нов репертоар.
Гонца Богоромова, сопран.

Андреј Наунов, влегува во редот на истакнатите млади македонски пијанисти кои постепено го потврдуваат своето високо изведувачко реноме. Роден е во Кочани, средно образование завршил во Штип, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност како прв студент во класат на професор Симон Трпчевски, каде сега е и на постдипломски студии.

Добитник е на неколку државни награди по камерна музика и пијано, како солист настапувал со Македонската филхармонија и оркестарот на МОБ, со првенците Весна Гиновска Илкова, Ана и Игор Дурловски и други и со инструменталистите Михајло Куфојанакис, Божидар Пејиќ, Климент Тодоровски.

За актуелната соработка со Гонца Богоромова тој вели дека започнала спонтано пред десеттина години и дека се нашле на творечки план, не само како дуо, туку и во рамките на ансамблите во кои членуваат како на пример „Вокали“ со кого наскоро ќе одржат концерт на „Битфест“.

„Долго се познаваме и знаеме кој какви експресии може да донесе на сцена и на тој начин соработката се одвива одлично“, вели Наунов.

Она што е посебно интересно е што уметниците на својата „Вечер на македонски композитори“, премиерно ќе изведат и две нови композиции: „Смртта е син прозорец отворен кон денот“ што Бојана Петровиќ ја напиша на стихови на Неџати Зекирија и Циклусот песни за сопран и виолончело кој Дамјан Темков го создал посегајќи по поезијата на големиот Блаже Коневски. Гостин во ова пригода ќе биде виолончелистот и член на забревтаниот МЈУЗИК ПРОГРЕСИВ КВАРТЕТ – Паскал Краповски.

„Во Македонија многу, многу малку постои литература конкретно за сопран и за виолончело, така што Дамјан се согласи да ни напише дело посветено за нас двајца, а Бојана Петровиќ исто така напиша една песна посветена за мене, така што јас сум им бескрајно благодарна за тоа што го направија за нас, а воедно се случи и еден нов репертоар“, вели Богоромова.