Проектирана или вистинска криза за избори?

Премиерот Никола Груевски се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети на 7 декември 2012 година.

ДУИ не е заинтересирана за есенски избори, а ВМРО-ДПМНЕ веројатно би сакала да ја изненади опозицијата која по промените се уште не е готова за мегдан. Најпожелно, можеби за сите субјекти е пролета 2014.
Одржувањето на предвремени парламентарни избори сè повеќе станува реалност, по нарушените односи меѓу владејачките коалициони партнери, оценуваат експертите.
Мислам дека доколку нема некое продлабочување на односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, претседателските избори се добра прилика за да има и предвремени парламентарни избори.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Премиерот Никола Груевски изјави дека односите со ДУИ се влошени, но сè уште на одржливо ниво. Од ДУИ реагираат дека нема да ја напуштат коалицијата и дека не се заинтересирани за предвремени парламентарни избори.

Професор Здравко Савески вели дека со оглед на тоа што владата мисли дека располага со значителна поддршка меѓу граѓаните не може да се исклучи можноста за одржување на предвремени парламентарни избори. Според него, останува отворено прашањето дали изборите ќе бидат распишани наесен или заедно со претседателските на пролет.

„Но, мислам дека доколку нема некое продлабочување на односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, претседателските избори се добра прилика за да има и предвремени парламентарни избори. Значи, има два мотиви - проценката на ВМРО-ДПМНЕ дека располага со значителна поддршка кај народот и второ дека се влошени односите со ДУИ“, вели Савески.
Овој пат тие не се проектирани несогласувања и ќе отворат длабока криза на владата и сериозна криза како натаму да опстане. Евентуалното менување на партнерите во коалицијата не доаѓа предвид, затоа што нема политичка и изборна логика.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека владата во последно време функционира како раштиман оркестар, поради стагнирање на општите состојби во земјата. Според него, тоа создава нервоза кај коалиционите партнери, која е реална.

„Овој пат тие не се проектирани несогласувања и ќе отворат длабока криза на владата и сериозна криза како натаму да опстане. Евентуалното менување на партнерите во коалицијата не доаѓа предвид, затоа што нема политичка и изборна логика. Така што, единствено што останува ако овие односи се продлабочат се предвремени парламентарни избори“, вели Демири.

Според Савески, на опозицијата не ѝ одговара изборите да бидат одржани на есен.

„Опозицијата треба да се преструктуира и во крајна линија да се пронајде себе си во смисла да утврди што сака да понуди во однос на владината политика и веројатно ним ќе им одговара предвремените избори да бидат заедно со претседателските“, вели Савески.

Демири вели дека опозицијата нема доволно време да се прегрупира и на таа карта ќе игра власта. Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека опозицијата е подготвена и консолидирана за предвремени парламентарни избори.