СДСМ смета дека има решение за името

Илустрација.

Решението на спорот за името не смее да го загрози националниот идентитет и интереси и убедени сме дека со политичка волја може да се дојде до такво решение, вели заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска.
Македонија е таа која што губи со нерешавање на спорот со името, а Грција може да преживее, бидејќи не плаќа никаква цена. Товарот е кај Македонија и СДСМ смета дека тоа мора да се измени со поактивен однос и со нудење решенија, при што ќе се создава притисок врз меѓународната заедница дека во нашата земја постои интерес за изнаоѓање на компромис, вели заменик претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.
Убедени сме дека со политичка волја може да се дојде до такво решение. СДСМ и во минатото покажал дека кога треба, носи одлуки и ја презема одговорноста.
Радмила Шеќеринска, заменик претседателка на СДСМ.

„СДСМ ќе поддржи компромисно решение во спорот со името со Грција, бидејќи тоа е подобра опција за иднината, интеграциите и граѓаните на земјата. Но, тоа решение не смее да го загрози националниот идентитет и интереси и убедени сме дека со политичка волја може да се дојде до такво решение. СДСМ и во минатото покажал дека кога треба, носи одлуки и ја презема одговорноста“, вели Шеќеринска.

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека спорот со името ги надминува капацитетите на партиите кои се на власт или опозиција и прашањето може да се реши само со инклузивна политика која ќе ги опфати сите сегменти на општеството. Според него, само политичари кои можат да градат единство имаат шанса во иднина да се справат со проблемот.
Политичари коишто сметаат дека треба тој проблем да се искористи за да се зачува власта да речеме, како што често прави партијата на власт па ја обвинува опозицијата за непатриотско поведение или да ја освои власта, како што често прави партијата во опозиција со изјави дека таа самата може да го реши проблемот за шест месеци, мислам дека нема големи шанси.
Денко Малески, универзитетски професор, поранешен министер за надворешни работи.

„Политичари коишто сметаат дека треба тој проблем да се искористи за да се зачува власта да речеме, како што често прави партијата на власт па ја обвинува опозицијата за непатриотско поведение или да ја освои власта, како што често прави партијата во опозиција со изјави дека таа самата може да го реши проблемот за шест месеци, мислам дека нема големи шанси“, вели Малески.

Колку политичката волја на СДСМ би се рефлектирала во конкретни активности за решавање на спорот за името, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека тоа партијата сама треба да го докаже.

„Дека е можно, јас велам дека е можно, а дека имале капацитет да преземат одговорност, тоа секако го докажале, како во раните 90-ти, така и во 2001 година. Така што, јас верувам дека тоа е изводливо, но прашање е колку од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат спремни, покрај политичките придобивки, да се соочат и со политичките реперкусии од евентуален компромис“, вели Муслиу.

Шеќеринска порачува дека СДСМ како власт ќе најде начин Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, бидејќи најпрвин ќе ги подобри домашните состојби. Според неа, Македонија сега има ровита позиција и затоа нема алиби да бара меѓународната заедница да се заложи за проблемот со името.