Македонските театри нижат успеси

Театар Комедија деновиве се врати со три награди од престижниот фестивал „Мостарска Лиска 2013“. Театарот за деца и младинци – Скопје речиси едновремено ја освои специјалната награда за оригиналност и фантазија на Меѓународниот фестивал на куклени театри во Суботица, а нешто пред тоа Никола Ристановски ја освои наградата за најдобра машка улога на Фестивалот на мали сцени во Риека. Станува ли збор за инцидентни проблесоци или за потврда на квалитетот на македонскиот театар во регионални рамки?
Месецот што полека изминува се покажа како извонредно плодотворен за македонскиот театар во регионални рамки. Театар Комедија, со „За секого има по една“ во режија на Владлен Александров, најнапред ја освои публиката на Интернационалниот ревијален фестивал во Трабзон – Турција, за да потем со три награди се врати и од престижниот театарски фестивал „Мостарска Лиска 2013“ што се одржа во Босна и Херцеговина.
Ако еден театар како Театар Комедија кој што постои помалку од две години со првата своја продукција ќе освои две престижни награди, јас не знам што потаму да кажам сем дека сме во самиот врв.
Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија.

На оваа жанровски структурирана манифестација што во организација на Народен театар – Мостар се одржа од 16 до 23 мај, одличната изведба на комедијата „Ах љубов моја...турска приказна“ на доајенот Коле Ангеловски му ја донесе наградата за режија „Ахмед Обрадовиќ“, Театар Комедија се закити со „Голема Лиска“ за најдобра продукција на претстава, а актерот Александар Микиќ го доби признанието „Мала лиска“ што го доделуваат припадниците на еснафот - глумците.

Поедини репрезенти можат комотно да се носат со тоа што се создава на овие простори бившојугословенски, а и не само таму. Само што треба да се има добра претстава, треба да има добри глумци и треба да има пари да отидат надвор и да се прикажат. Толку. Многу е едноставно.
Коле Ангеловски, режисер.
„Ако еден театар како Театар Комедија кој што постои помалку од две години со првата своја продукција ќе освои две престижни награди, јас не знам што потаму да кажам сем дека сме во самиот врв“, истакнува Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија, дополнувајќи дека ова е прво гостување на еден македонски ансамбл на фестивалот кој зад себе има 11 изданија и на кој имало претстави на театри од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и од Србија.

Режисерот Коле Ангеловски, пак, вели дека е добро што освоените награди не се само за еден жанр, не се само за сериозната претстава на МНТ и за детските претстави, туку дека еве во тој круг на успешните полека влегува и комедијата која кај, според него, е во подредена состојба освен за публиката.

„Тоа е навистина е еден показател дека овде, колку и ние да зборуваме негативно сами помеѓу себе за состојбата во нашиве театри што можеби е и вистина, сепак поедини репрезенти можат комотно да се носат со тоа што се создава на овие простори бившојугословенски, а и не само таму. Само што треба да се има добра претстава, треба да има добри глумци и треба да има пари да отидат надвор и да се прикажат. Толку. Многу е едноставно.“
Тоа за македонскиот куклен театар значи многу. Ние се замешавме фактички во редот на претставите што ги поделија поголемиот дел од наградите на овој фестивал. Ова ни дава една сила и понатаму да останеме респектабилни во регионов.
Драган Довлев, актер и директор на Театарот за деца и младинци.

Театарот за деца и младинци – Скопје, со пушкиновата „Бескрајни соништа“ во режија на Боњо Лунгов, ја освои специјалната награда за оригиналност и фантазија на 20 јубилеен „Лутфест“ - Меѓународниот фестивал на куклени театри што викендов се одржа во Суботица, соседна Србија.

Драган Довлев, актер и директор на овој наш театар, забележува дека ова е една од многуте награди што тие ја имаат освоено досега на оваа престижна интернационална манифестација и дека успехот е уште поголем ако се знае дека македонската претстава влегла во редот на најуспешните покрај руската и белоруската, кои пак важат за велесили во куклениот театар на светско ниво.

„Тоа за македонскиот куклен театар значи многу. Ние се замешавме фактички во редот на претставите што ги поделија поголемиот дел од наградите на овој фестивал. Ова ни дава една сила и понатаму да останеме респектабилни во регионов. Овој успех, оваа награда со која што се враќаме од Суботица и која што е специјална награда за оригиналност и фантазија, по важност, според нивниот список на награди, е веднаш по Гранприто и пред наградата за режија и останатите признанија, ни дава за право да кажеме дека сме на вистинскиот пат и дека можеме да се измериме со најсилните држави во областа на куклениот театар.“

Конечно, Никола Ристановски неодамна ја освои наградата за најдобра машка улога на Фестивалот на мали сцени што се одржа во Риека, Република Хрватска. Нашиот актер признанието го доби за улогата во претставата „Животот на Молиер“ на Александар Поповски и ова нему му е четврта по ред глумечка награда на интернационалната манифестацијата на која овојпат учествуваа 11 претстави на театри од Хрватска, Србија, Словенија и Литванија.