Власидис - Со Грција за името, со Бугарија спор за идентитетот

Власис Власидис, професор по Политичка комуникација и Средства за јавно информирање на одделот за Балкански студии при Универзитетот на Западна Македонија во Флорина, Грција.

Вие треба да се концентрирате на спорот со Грција, но сега и на другиот спор со Бугарија која исто така има приговори за националниот идентитет и културното наследство, вели Власис Власидис, професор по Политичка комуникација и Средства за јавно информирање на одделот за Балкански студии при Универзитетот на Западна Македонија во Лерин, Грција, во кусиот разговор за Радио Слободна Европа.
Каква е атмосферата во Грција по средбата на вицепремиерот Фатмир Бесими со министерот за надворешни работи Аврамопулос?

Сакам да започнам со мало објаснување на ситуацијата во Грција, особено во делот за надворешни работи. Многу е различно во однос на минатите години, особено во економскиот дел. Медиумите се сконцентрирани на теми кои се однесуваат на односите со ЕУ и ММФ. Главното прашање на кое медиумите се фокусирани е сè што е поврзано со ЕУ и кога се во тек разговори со претставници од ЕУ и ММФ сите други работи и средби во земјата се во втор план. Така што во голем дел од весниците не отстапија многу простор на таа средба додека, пак, телевизиите спомнаа само најава за средбата меѓу Бесими и Аврамопулос без повеќе детали за тоа како се одвивала таа средба.

Зошто?

Затоа што односите меѓу вашата земја и Грција и меѓу Грција и Турција се второстепена тема, главната тема е економијата и изнаоѓање решение за кризата.

Но што е со притисокот од меѓународната заедница, има ли тоа некакво влијание?

Аврамопулос сега е министер за надворешни работи, претходно беше дипломат, така што ова е прв пат изминативе 10 или 12 години да имаме министер кој сака да направи нешто, да речеме во односите со вашата земја или со други балкански земји. Но овие напори не се да речеме транспарентни за јавноста. Медиумите во Грција не се заинтересирани да ги пренесуваат сите новини околу темава.

Како ја оценувате ситуацијата во Грција сега кога станува збор за прашањето за името имајќи го предвид меѓународниот притисок? Има ли шанси да се реши спорот до јуни, кога ЕУ очекува резултати?

Морам да ви кажам дека во Грција не се чувствува особено голем притисок за претстојниот самит. Мислам дека главниот притисок од ЕУ е насочен кон Бугарија и новата влада која ќе треба да се состави по изборите затоа што Бугарија стави вето на процесот, а не Грција. Минатиот месец бев во Софија и го видов притисокот, но сега кога се вратив во Грција, тука не го чувствувам тој притисок.

Што мислите вие, дали има можност оваа година да се изнајде решение за спорот за името?

Сакам да ви кажам нешто, неодамна бев во Бугарија не подолго време, видов таму дека ветото за пристапни преговори за вашата земја во ЕУ беше многу позитивно примено од јавноста. Бугарскиот претседател Плевенлиев е главниот политичар што ја смени надворешната политика на Бугарија и најголемиот дел од медиумите во Бугарија ја прифатија оваа промена. Во вашата земја вие треба да се концентрирате на спорот со Грција, но сега и на другиот спор со Бугарија која исто така има приговори за националниот идентитет и културното наследство. Мислам дека проблемот со пристапувањето во ЕУ веќе не е само во спорот за името, туку и во спорот за националниот идентитет и културното наследство, особено со Бугарија.

Но што е со Грција? Ако Бугарија е новиот проблем, што е со стариот проблем?

Мислам дека Грција позитивно гледа на бугарската политика, но ја набљудува оваа политика од одредена дистанца.