„Вртелешка“ на умот

За фамозната вртелешка монтирана на плоштадот Македонија, за трошењето на народните пари и за извештајот на Стејт департментот за Македонија има голем број ваши коментари на нашата веб-страница.
Поради големиот број ваши коментари на нашата веб-страница, почитувани, честопати не успеваме сите да ги вклучиме во редовниот преглед во понеделниците. Затоа денеска ќе ги вклучиме оние, непрочитаните, да речеме, кои, меѓутоа, го одразуваат вашиот став за информациите и темите што ги обработуваат новинарите од македонската редакција на Радио Слободна Европа.
Аман, бе, умот ни го свртевте на сите, а на децата треба уште од мали. Панаѓурите од селата си ги преселија во Центар. Нема излез, нè освоија, куферот и никад веќе да не чујам за моја Македонија. Ех, жална таа моја Македонија.
Коментар на читател.

Кога ве информиравме дека веќе фамозниот рингишпил е монтиран на плоштадот „Македонија“ Перо од Скопје напиша: „Аман, бе, умот ни го свртевте на сите, а на децата треба уште од мали. Панаѓурите од селата си ги преселија во Центар. Нема излез, нè освоија, куферот и никад веќе да не чујам за моја Македонија. Ех, жална таа моја Македонија.“

За рингишпилот пишува и првиот човек на социјалдемократската младина во редовната младинска он-лајн колумна, Дарко Давитковски. МК Обсервер иронично забележува: „Блазе си ѝ на партијата со ваков претседател на младина. Не разбрав во што ви е проблемот (вам- на СДСМ и на веб-страницата на медиумот кој толку здушно ве промовира вас и вашите небулози) - Македонецот или рингишпилот?“

Меѓу спомениците и вртелешка на плоштад


Додека Македонија е на прво место по мизерија, власта троши неразумно. Ветувањата за подобро здравство и образование останаа само на хартија.
Коментар на читател.
Но за Димитар од Скопје проблемот е што оваа власт троши стотици илјади евра - народни пари, за играчки. „Додека Македонија е на прво место по мизерија, власта троши неразумно. Ветувањата за подобро здравство и образование останаа само на хартија“, пишува Димитар.

Различни гледања има и по нашата информација дека по извештајот на Стејт департментот за Македонија, од Владата и од другите официјални органи има само - молк. Посетител потпишан со Југ веднаш напишал: „Горд сум што не сум истомисленик и следбеник на Грујо“, но Павле од Кратово смета дека извештајот на Американската влада бил објективен, и е во прилог на актуелната власт, ама ние (Радио Слободна Европа) и Хелсиншкиот комитет селективно сме го читале што никому не одело во прилог.

Љупчо, пак, забележува дека притисокот кон Груевски да се спушти на земја и да ја прифати реалноста дека одиме во тотален ќорсокак се зголемува. „Ова ќе биде последна шанса за Македонија. Во спротивно...“, со три точки го завршува својот коментар Љупчо. Инаку, најгледани видео-прилози на нашата веб-страница се оние за рингишпилот, за новите споменици во центарот на Скопје што осамнаа ден по вториот круг на локалните, потоа, за анекс-договорите за Скопје 2014 и за новите скулптури на мостот „Око“ во Скопје.