Чебрен и Галиште неисплатливи

Илустрација: Хидроцентрала.

Тендерите за Чебрен и Галиште пропаѓаат затоа што проектот, така како што е замислен, е неисплатлив, вели универзитетскиот професор Атанаско Тунески, кој е и член на економско-социјалниот совет на СДСМ.
Пропадна и седмиот тендер за инвеститор за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште. Ниедна компанија не достави понуда на јавниот повик за инвестиција до истекот на рокот што беше вчера. Министерството за животна средина најави дека ќе ја информираат Владата, која треба да донесе одлука што понатаму, односно дали ќе ги менува условите во тендерот и дали ќе се распише нов.
Она што сега им се нуди на понудувачите е проектна документација којашто е изработена пред 15-тина година, но таа така изработена е базирана на стари податоци од пред 30 години.
Атанаско Тунески, универзитетски професор, член на економско-социјалниот совет на СДСМ.

Универзитетскиот професор Атанаско Тунески, кој е и член на економско-социјалниот совет на СДСМ, вели дека тендерите за Чебрен и Галиште пропаѓаат затоа што проектот, така како што е замислен, е неисплатлив. Таму нема доволно вода да се наполни толку голема акумулација, вели тој.

Премиерот Никола Груевски и генералниот директор на АД „Електрани“ на Македонија Влатко Чингоски го означија почетокот на работењето на новиот хидроенергетски капацитет ХЕЦ „Света Петка“ на 1 август 2012 година.


„Целата тендерска документација или целата процедура се прави врз база на стари документи коишто не се иновирани воопшто. Значи она што сега им се нуди на понудувачите е проектна документација којашто е изработена пред 15-тина година, но таа така изработена е базирана на стари податоци од пред 30 години.“

Тунески вели дека владата мора веднаш да инвестира во изградба на нов голем енергетски капацитет, но оти тоа не се Чебрен и Галиште. Тој потсетува дека Македонија троши скоро 200 милиони евра годишно за увоз на струја.
Ние треба да направиме сериозен термоенергетски објект којшто ќе даде 30-тина отсто од она што нас ни треба, односно увозот од 30 до 40 отсто што сега го правиме да го компензира, односно да го покрие. Зошто тоа не се прави, навистина ми е нејасно. Се трошат пари на сè и сешто, а најмалку на она што треба. Треба да се направи тоа што ќе ни овозможи парите да останат овде, а не да се потрошат на увоз на струја.
Атанаско Тунески, универзитетски професор, член на економско-социјалниот совет на СДСМ.

„Треба вчера да почнеме да ја правиме, ама ние не правиме, просто нема најави дека ќе се прави нешто. За жал нема најави. Се зборува за Чебрен и Галиште, тоа нема да не спаси. Чебрен и Галиште даваат 2-3 отсто од нашите потреби за струја како држава, се зборува за Бошков Мост кој дава помалку од 2-3 отсто, се зборува за сиот хидропотенцијал кој е супер да се направивме, но сиот хидропотенцијал да се направи нема да даде повеќе од 10 отсто. Ние треба да направиме сериозен термоенергетски објект којшто ќе даде 30-тина отсто од она што нас ни треба, односно увозот од 30 до 40 отсто што сега го правиме да го компензира, односно да го покрие. Зошто тоа не се прави, навистина ми е нејасно. Се трошат пари на сè и сешто, а најмалку на она што треба. Треба да се направи тоа што ќе ни овозможи парите да останат овде, а не да се потрошат на увоз на струја“, вели Тунески.

Предвидено беше тендерот да го добие онаа компанија којашто ќе понуди најголемо учество на домашната ЕЛЕМ во новоформираната заедничка компанија, но не помалку од 39 проценти. По критиките дека предвидените брани се превисоки, овој пат беше најавено дека браните ќе може да бидат пониски ако ја исполнат предвидената моќност од 333 мегавати за ХЕЦ „Чебрен“ и 197 мегавати за ХЕЦ „Галиште“. Во целиот пакет повторно влегува и ХЕЦ „Тиквеш“, која треба да стане дел од новата компанија со концесија од 52 години.

Во Министерството за економија предвидуваат во 2013 година во Македонија да се потрошат 9.028 гигават-часа електрична енергија. Според планот, 76,5 отсто ќе бидат покриени од домашни потреби, а другите, повеќе од 2.000 гигават-часа од увоз.