Северна Кореја предупреди - Војна денеска или утре

Северна Кореја, според последните неофицијални информации, преместила балистички ракети на нејзиниот источен брег на Пацификот. До ова доаѓа откако Соединетите Држави разместиле дополнителен радарски систем во базата на островот Гуам. Пјонгјанг веќе го предупреди Вашингтон дека одобрила евентуален напад.
Северна Кореја ги предупреди Соединетите Држави дека одобрила напад во кој може да биде употребено и нуклеарно оружје.

Во соопштението што го пренесе Корејската централна новинска агенција се наведува дека Генералштабот на севернокорејската војска официјално му објавил на Вашингтон дека американските закани ќе бидат, како што се прецизира, разбиени со напредни, помали и разни видови нуклеарно оружје.

„Конечно се испитани и одобрени немилосрдни операции. Војна може да избувне денеска или утре“, се наведува во соопштението на севернокорејската војска.

До ова предупредување дојде откако Пентагон соопшти дека ќе распореди ракетен одбранбен систем на островот Гуам за да ги зацврсти одбранбените можности во регионот.

Може да се згреши само еднаш и јас не сакам да бидам секретар за одбрана кој згрешил само еднаш. Затоа ние ќе продолжиме овие закани да ги сфаќаме сериозно. Се надевам дека Северна Кореја ќе ја намали оваа многу опасна реторика.
Чак Хејгел, државен секретар за одбрана на САД.
Државниот секретар за одбрана Чак Хејгел оцени дека најновата севернокорејска реторика била реална и јасна закана за Соединетите Држави и за американските сојузници.
„Тие сега имаат нуклеарен капацитет. Тие сега имаат ракети, па ја зголемија нивната воинствена, опасна реторика. Некои акции што тие ги презедоа во изминативе неколку недели претставуваат реална и јасна закана за Соединетите Држави и за нашите сојузници, Јужна Кореја и Јапонија“, изјави Хејгел кој го повика Пјонгјанг да соработува со соседите и со меѓународната заедница.

„Може да се згреши само еднаш и јас не сакам да бидам секретар за одбрана кој згрешил само еднаш. Затоа ние ќе продолжиме овие закани да ги сфаќаме сериозно. Се надевам дека Северна Кореја ќе ја намали оваа многу опасна реторика“, рече Хејгел.

Аналитичарите сметаат дека на Северна Кореја засега и недостигаат начини за напади врз американска територија, но оти би можело за цел да ги има американските војници во Јужна Кореја или Јапонија.

Државниот секретар за одбрана Чак Хејгел


Според некои неофицијални информации што ги пренесува јужнокорејската новинска агенција Јонхап, Северна Кореја веќе преместила ракети со среден дострел со кои може да ја нападне американската база на островот Гуам.

Тоа, како што се додава, било одговор на претходниот американски потег, односно разместување дополнителен ракетен одбранбен систем на Гуам.

Во меѓувреме, севернокорејските власти веќе два дена им забрануваат на јужнокорејците да доаѓаат на работа во заедничката индустриска зона која се наоѓа на територијата на Северна Кореја.

Пјонгјанг денеска се закани дека целосно ќе го затвори комплексот Каесонг доколку Сеул продолжел да се однесува конфронтирачки.

Каесонг е единствениот извор на странски девизи за Пјонгјанг и од него годишно заработува околу 80 милиони долари. Во индустриската зона се вработени над 50 илјади Севернокорејци.

Тензиите на Корејскиот Полуостров пораснаа откако во февруари годинава Пјонгјанг изведе трета нуклеарна проба што доведе до нови поостри меѓународни санкции против комунистичкиот режим.

Во регионот е во тек годишна воена вежба на американските и јужнокорејските сили.