Превозниците на учениците во Житоше си ги бараат парите

Протест на превозниците на ученици во долненското село Житоше.

Дваесетина превозници во знак на протест не ги превезуваат средношколците од 10-ина долненски и крушевски села, кои следат настава во дисперзираната гимназија на кичевското средно училиште во Житоше.
Околу 320 од вкупно 400 ученици од подрачната гимназија Дрита, што се наоѓа во долненското село Житоше не ја следат наставата два дена. Дваесетина превозници одлучија во знак на протест да не ги превезуваат овие средношколци од 10-ина долненски и крушевски села, кои следат настава во дисперзираната гимназија на кичевското средно училиште. Тврдат дека протестот ќе продолжи сè додека училиштето не им даде одговор каде се нивните пари, и кога ќе ги добијат преку 13 милиони денари, побарувања за превоз за последните 3 години.
Стапивме во штрајк не од тоа што сакавме, туку од тоа што моравме, бидејќи возиме истите превозници, има 10 години и повеќе, е сега ни се собраа многу неплатени сметки, 13 фактури од страна на училиштето не ни се платени.
Мизаим Бајрамоски, превозник со сопствено возило.

„Никој не може да ни објасни, проблемот дали е во Министерството нема исплатено на Општина Кичево, или пак Општината нема на училиштето. Ние повеќе не можеме да издржиме зашто секој ден мора да ставаме гориво на возилата и да ги носиме децата, значи има овде превозници што прават и по 50 километри на ден“, вели Исмет Хајро, еден од превозниците.

Тие одбиваат нивниот протест во време на избори да се поврзува и става во функција на некоја партија. Велат маката ги натерала на овој чекор. Не можат натаму да се носат со трошоците, финансиски се веќе исцрпени.
Како што доаѓаат блок дотациите, така ги исплаќаме, ги имаме известено и Општината како основач, како и Министерството дека ние им должиме некаде над 15 милиони денари.
Неби Билали, директор на кичевската гимназија Дрита.

„Стапивме во штрајк не од тоа што сакавме, туку од тоа што моравме, бидејќи возиме истите превозници, има 10 години и повеќе, е сега ни се собраа многу неплатени сметки, 13 фактури од страна на училиштето не ни се платени“, реагира Мизаим Бајрамоски, исто така превозник со сопствено возило.

Од средбата со директорот на кичевската гимназија Неби Билали, не се задоволни.

„Со директорот денеска пак разговаравме, не најдовме пак заедничко решение, ќе видиме понатаму, ако не ни се исплатат средствата нема да продолжиме, бидејќи се натрупаа многу фактури“, вели Нафи Исмаилоски.

Директорот Билали најави дека како и досега ќе се заложи превозниците да ги добијат што поскоро парите, и овој протест да не се рефлектира врз наставата во гимназијата.

„Како што доаѓаат блок дотациите, така ги исплаќаме, ги имаме известено и Општината како основач, како и Министерството дека ние им должиме некаде над 15 милиони денари“, потврдува директорот Неби Билали.

Градоначалникот на Кичево Благоја Деспотоски е категоричен дека сите пари добиени од Министерството за оваа намена се исплатени на време. Тој додава дека за да се намалат трошоците на кичевската гимназија, Општината на свој трошок ангажира автобуси и возачи за да обезбеди бесплатен превоз и непречена настава на средношколците.