Меморандум за толеранција пред изборите во Струга

Меморандум „За толеранција и мир во училиштата во Струга“ пред изборите потпишаа Директорите на шеснаесет средни и основни училишта во Струга.
Директорите на шеснаесет средни и основни училишта во Струга на иницијатива на Младинскиот центар од овој град потпишаа меморандум „За толеранција и мир во училиштата во Струга“. Со овој прв од ваков вид документ пред некои избори, тие се обврзуваат дека ќе се залагаат да спречат каква и да било злоупотреба на учениците од страна на политичарите и политичките партии пред локалните избори. Меморандумот на едно место ги собра сите образовни институции, приватни и јавни, на подрачјето на општината. Бранкица Затаракоска е од Младинскиот центар од Струга:
Иницијативата покрената од директорите на училиштата, поддржана од граѓанските организации и општина Струга, дојде до идеја да оформи меморандум за заедничко делување кој што сите директори на ниво на општина Струга го потпишаа.
Бранкица Затаракоска, Младински центар од Струга.

„Иницијативата покрената од директорите на училиштата, поддржана од граѓанските организации и општина Струга, дојде до идеја да оформи меморандум за заедничко делување кој што сите директори на ниво на општина Струга го потпишаа“, рече Затаракоска.

Свесни за тоа дека изворот на најголемото богатство на мултикултурата во Струга се наоѓа во долгогодишната традиција која секогаш ја негувала толеранцијата и разбирањето помеѓу сите граѓани кои живеат во Струга и свесни дека младите можат да се злоупотребат за политички цели во предизборниот период, наставниците со апел дека ќе направат сè што е во нивна моќ да ги одржат добрите односи меѓу учениците преку преземање превентивни мерки за намалување на насилството, се вели во декларацијата.
Заеднички ќе соработуваме и интензивно ќе комуницираме за да ги пренесеме пораките на мир и толеранција до родителите, наставниците и учениците.
Маја Маркоска, директорка на Основното училиште Гоце Делчев во селото Јабланица.

Маја Маркоска, директорка на Основното училиште Гоце Делчев во селото Јабланица, од името на наставниците и директорите порача дека младите не смеат да бидат искористени за предизборни цели на партиите кои можат да придонесат и за дестабилизација на мултиетничка Струга.

„Заеднички ќе соработуваме и интензивно ќе комуницираме за да ги пренесеме пораките на мир и толеранција до родителите, наставниците и учениците. Се залагаме да ја поттикнеме соработката меѓу сите релевантни институции како општината, граѓанскиот сектор, медиумите, полицијата и политичките партии, а во исто време ги повикуваме и тие да вложат дополнителни напори и да преземат превентивни мерки со кои ќе ја зајакнат свеста меѓу младите за можноста да бидат злоупотребени за време на предизборната кампања“, рече Маркоска.

Меѓуетничките инциденти помеѓу младите Албанци и Македонци во Струга во минатото беа препознатлив декор за овој град особено во периодите пред одржување на избори, било тоа да се локални или парламентарни.