Весниците ги избегнуваат „неподобните“ вести

Само три печатени медиуми објавија за падот на слободата на медиумите според „Репортери без граници“. Но и за продолжените протести на здружената опозиција ретко каде може да се прочита.
Уште едни поразувачки податоци за Македонија - оние за слободата на медиумите на меѓународната организација Репортери без граници: само три печатени медиуми објавија дека „Треснавме за 82 места во последниве три години во слободата на медиумите“, како што наслови дневниот Фокус; „Македонија падна за 22 места по медиумските слободи, сега е на 116 место“, објави Утрински и „Македонија на 116 место во светот по слободата на медиумите“, како што напиша Дневник. Од телевизиите, Македонската телевизија и Сител не кажаа ниту збор за извештајот на Репортери без граници.

Треснавме за 82 места во последниве три години во слободата на медиумите.
Фокус.

И за продолжените протести на здружената опозиција ретко каде може да се прочита: Утрински информира за големиот марш на Сојузот за иднината во неделата по скопските улици и ја објави најавата дека на денот кога во Собранието се закажани пратенички прашања, во четврток, опозицијата ќе организира граѓански парламент пред зградата на Собранието, наместо редовните блокади на трите скопски крстосници.

Протест на опозицијата.


И Дневник информираше за неделниот голем марш на опозицијата од скопско Тафталиџе до пред зградата када што живее премиерот Груевски, „затоа што не ѝ беше дозволено да оди до МВР“ каде што требаше да заврши маршот, цитирајќи го обраќањето на лидерот на СДСМ, Црвенковски: „Излези Никола право на тераса...“
Две рунди во овој месец - се ближи ли крајот на овој меч?
Вечер.

Инаку Утрински пишува за „Војна на нерви меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“ и дека по замрзнатите контакти по средбата Груевски-Црвенковски, единствено активни останале странските амабасадори кои постојано се на релација помеѓу седиштата на двете најголеми партии. Средбата Груевски – Тачи, Вечер ја одбележува со оптимистички наслов: „По низа радикални изјави последниве години - Тачи ветува враќање во нормалната политика“, додека Утрински оди со наслов: „Предизборен флерт на Груевски и Тачи“.

Дневниот Фокус дознава каква ќе била понудата на следната средба на партиските лидери и првите луѓе на државата и на Собранието: „Во замена за локални без бојкот, парламентарни во септември“.

Новите средби на Нимиц со македонскиот и грчкиот претставник во преговорите за името ги разбрануваа медиумите: Вечер пак оди со оптимистички наслов-прашање: „Две рунди во овој месец - се ближи ли крајот на овој меч?“. Дневниот Капитал насловува: „Позициите се искристализирани - наскоро следна рунда преговори“. Нова Македонија ја цитира изјавата на Нимиц по средбите: „Во Њујорк конкретни разговори за тешки прашања“ а Утрински дека „Нимиц не планира да ја релаксира динамиката на преговорите“. Дневниот Фокус дава свој коментар на најавите на контроверзниот индиски милијардер дека со својата фирма „Сахара“, ќе прави Лас Вегас од охриско Љубаништа: „Сахара добра за туризмот, лоша за екосистемот!“.