Регулатива има, заштитата на музејските добра сè уште дискутабилна

Артефакт: Адам од Говрлево.

Република Македонија има законска регулатива за музејска дејност, усвоени конвенции со преземени обврски, но во практика постои проблем со правна идентификација на музејските субјекти и недоволно стручен кадар за заштита на културното наследство во вонредни услови. Ова е заклучокот од форумот „Заштита на културното наследство во музеите во Македонија – состојби и искуства“.
Земјава има законска регулатива за музејска дејност, усвоени конвенции со преземени обврски, но во практика постои проблем со правната идентификација на музејските субјекти и недоволно стручен кадар за заштита на културнотот наследство во вонредни услови, кризи и војна, заклучија учесниците на форумот „Заштита на културното наследство во музеите во Македонија – состојби и искуства“ што се одржа во Кинотека на Македонија и кој како организатори го потпишаа Националниот комитет на Синиот штит и ИКОМ.
Имаме премногу регулатива, а малку правна свест и правна култура за да го применуваме тоа. Кога го велам тоа мислам не само на субјектите надвор од нас, оние што се во државата, државни и локални органи и институции, првенствено мислам на нас самите, на јавните установи во кои е депонирано тоа богаство.
Јован Ристов, Национален конзерваторски центар Скопје.

„Имаме премногу регулатива, а малку правна свест и правна култура за да го применуваме тоа. Кога го велам тоа мислам не само на субјектите надвор од нас, оние што се во државата, државни и локални органи и институции, првенствено мислам на нас самите, на јавните установи во кои е депонирано тоа богаство“, вели Јован Ристов од Националниот конзерваторски центар од Скопје, кој на форумот говореше за нормативната рамка за остварување на грижата за музејските добра.

Артефакти од Вучедол.


Во 2006 година беше донесен еден правилник за електронско водење на документацијата во музеите на Македонија меѓутоа тој не се имплементира. Со него требаше да се направат програми за водење на документацијата.
Крсте Богоески, Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ.
Тој забележува дека според Законот за заштита на културното наследство од 2004 година, заштитата на движното културно наследство, што е предмет на работа на музеите во Македонија од јавен интерес, може да ја вршат само јавни музејски установи, а не и други музејски субјекти. Згора на тоа, Ристов посочи дека во државата има 32 субјекти-вршители на музејска дејност - 21 национални музеи (од кои шест основани во изминатите пет години) и 11 локални музеи (од кои четири со статус музеи во состав на центри или на домови на култура), но оти вршители на музејска дејност се и правни субјекти со непознат или недоволно познат статус.

Како проблем, тој ги посочи и идентификувањето на движните добра и неприменувањето на новиот модел за реинвентаризација. Од таму евидентирани се 9.085 предмети со особено културно значење, но државата го нема севкупниот број зашто седум од 37 јавни музејски збирки не ги идентификувале добрата. Не е идентификувано и дисперзираното културно наследство, а уште помалку предметите во приватни колекции.

Според него, загрижувачки е тоа што неидентификувањето на предметите може да е смислено за да се овозможи нивно отуѓување.

Сериозен проблем, според Јован Ристов, е и степенот на едукација за специфична заштита на културното наследство во вонредни состојби и дека само неколкумина од околу 500 музејски работници се посветени на таа проблематиката.

„Ние многупати сме дискутирале на оваа тема на стручна основа, барем во невладиниот сектор, но од тоа немало големо фајде.“

Митко Богдановски од Музеј на Македонија го акцентира фактот дека најголем број од музејските установи немаат планови за заштита и спасување на наследството во услови на природни непогоди, војна и во други несреќи, а Крсте Богоески од Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, говорејќи за стратешките приоритети во заштитата на музејските добра во земјава, како посебно значајни ги издвојува лошата состојба на депоата и задоцнетата имплементација на електронското водење на документите во музеите.

„Во 2006 година беше донесен еден правилник за електронско водење на документацијата во музеите на Македонија меѓутоа тој не се имплементира. Со него требаше да се направат програми за водење на документацијата“, ќе рече Богоески, инаку поранешен претседател Македонскиот национален комитет на Синиот штит.

Инаку, форумот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија, а организаторите веруваат дека на овој начин преку дебатата тие ќе помогнат во решевањето на наталожените проблеми во музејската дејност кај нас.

Конечно, не бадијала Јован Ристов знае да каже дека ќе допре до нас, свеста, потребата да тоа што останало од минатите генерации, а ние сме го позајмиле од идните достојно и да им го пренесеме.