Обама - Не правиме доволно за заштита на децата

Американскиот претседател Барак Обама присуствуваше на верскиот обред за жртвите на масакрот во Конектикат. Во петокот едно 20 годишно момче уби 20 деца на возраст од шест и седум години, како и шест учителки.
Полицијата потврди дека во основното училиште Сенди Хук, во Њутаун, Конектикат пукал дваесет годишниот Адам Ланза кој бил вооружен со два пиштола, една пушка и стотици куршуми. Полицијата исто така потврди дека Ланза претходно ја убил својата мајка, а се самоубил откако во училиштето пристигнале органите за спроведување на законот.

По синоќешната молитва за жртвите претседателот Барак Обама изјави:

„Дојдов да ја понудам љубовта и молитвите на нацијата. Свесен сум дека само со зборови не може да се мери колку е длабока вашата жалост, ниту пак зборовите можат да ги заздрават вашите ранети срца.“
Во претстојните недели ќе ја искористам сета моќ на мојата функција да ги ангажирам граѓаните, органите за спроведување на законите, психолози, учители и родители со цел да спречиме натамошни трагедии како оваа. Бидејќи, немаме избор. Не можеме рутински да прифаќаме вакви настани. Дали сме подготвени да кажеме дека сме беспомошни пред ваков масакар?
Барак Обама, претседател на САД

Обама забележа дека ова е негов четврти пат во неговиот досегашен четиригодишен мандат што посетува некоја заедница за да им изрази сочувство на членови на семејства на жртви од слични вакви напади.

Во меѓувреме, како што изјави тој, во Соединетите Држави имало бескрајна серија на смртоносни напади и скоро секојдневни извештаи за жртви, повеќето од нив деца. Затоа тој ја повика Америка да ја смени културата спрема оружјето.

„Ние не можеме повеќе да го толерираме тоа. Овие трагедии мора да запрат. А за да ги запреме ние ќе мора да се смениме. Ќе ни речат дека причините за ваквите насилства се комплексни и тоа е вистина. Ниеден закон не може да го елиминира злото од светот или да спречи некој бесчувствителен акт на насилство во нашето општество. Но, тоа ќе биде изговор за непреземање акција.“

И покрај тоа што вети обновување на потезите за превенција на евентуалните идни слични крвопролевања, сепак Обама не понуди повеќе детали.

„Во претстојните недели ќе ја искористам сета моќ на мојата функција да ги ангажирам граѓаните, органите за спроведување на законите, психолози, учители и родители со цел да спречиме натамошни трагедии како оваа. Бидејќи, немаме избор. Не можеме рутински да прифаќаме вакви настани. Дали сме подготвени да кажеме дека сме беспомошни пред ваков масакар?“.

Сенаторката Дијан Феинстеин од Демократската партија на Барак Обама вчера најави дека во јануари во Конгресот ќе претстави закон за забрана на оружје какво што било употребувано во повеќето слични трагедии.

Многумина членови на Републиканската партија се противат на поострите закони за контрола на оружјето, сметајќи дека тоа нема да ги спречи луѓето со ментални нарушувања да извршуваат напади и оти со тоа се крши слободата за поседување оружје во Соединетите Држави.