Достапни линкови

Америка го менува лицето


Меѓу американските тригодишници во тек е револуција. Децата на таа возраст направија демографски преврат во Соединетите Држави. Според ланскиот попис, мнозинството од нив се од групите кои вообичаено се водат како малцинство, главно Хиспано и Афроамериканци.

Најновите податоци од минатогодишниот попис во Соединетите Држави потврдуваат дека белото население се уште е мнозинство во земјата, околу 64 отсто од популацијата. Но, амриканската трансформација е брза и немилосрдна.
Во изминатата декада американското население бележи пораст од 9,2 проценти и сега изнесува околу 309 милиони луѓе. 90 отсто од тој пораст го прават малцинствата. Нивото кај Хиспано-американците се покачи за 43 отсто и сега нивниот број изнесува 51 милион. Азиската популација бележи ист пораст и брои 15 милиони луѓе. Црното население порасна за 11 проценти, односно на 38 милиони.

Малцинствата станаа мнозинство

Малцинствата сега станаа мнозинства во двете најнаселени американски држави Калифорнија и Тексас, како и во Ново Мексико, Вашингтон Д.Ц. и на Хаваи. Тие белажат мнозинство на новородени деца и во уште шест држави: Аризона, Флорида, Џорџија, Мериленд, Мисисипи и Невада.

Барак Обама, прв американски претседател со црна боја на кожата и првата Латино-американка што стана врховна судијка Соња Сотомајор пред нејзиниот избор во 2009 година

Во меѓувреме, белата нешпанска популација во изминатата декада порасна за само 1,2 отсто. Во петнаесет држави нивниот број се намали. Бројот на белите деца опадна во 46 држави. Бил Фреј од Брукинг Институтот објаснува дека белата популација е постара, има помалку деца и сочинува мал дел од новите доселеници.

Климата и урбаниот момент

Друг податок кој го привлекува вниманието доаѓа од Југот и од Западот, каде што уште еден лајтмотив на американската демографија продолжува да притиска. Двата региони забележаа пораст на популацијата за 14 отсто, додека Северозападот и Средниот Запад од само 3 проценти.

„Луѓето бегаат од студеното. Постои силна корелација меѓу просечната температура во јануари и порастот на населението“, забележува Едвард Глејсер, професор по економија на Харвард.

Тој, исто така, забележува дека има брза експанзија на градовите како Атланта, Далас и Хјустон. Дури и некои сончеви селски предели го губат своето насление.

Остин, Тексас

Бројот на Американците кои живеат во урбаните подрачја се покачи и во минатата година изнесуваше 93,7 отсто. Притоа големите градови растат побрзо од помалите. Што сето тоа значи за политичарите е предмет на различни толкувања.

Влијание врз политиката

Десничарските аналитичари сметаат дека растот на населението во традиционално републиканските држави на југ и на запад и релативната стагнација на демократските бастиони, ја докажува супериорноста на републиканската политика. Уште повеќе што тоа им носи и повеќе места во Претставничкиот дом. На пример, конзервативниот Тексас, според ланскиот попис, им донел уште четири места во Конгресот.

Демократите, пак, одвраќаат дека растот доаѓа во демократските изборни единици. Според нив, малцинствата вообичаено гласаат за демократите. Тоа го покажал и изборот на претседателот Барак Обама во 2008 година, кога тој победил во јужните држави Колорадо, Невада, Северна Каролина и Вирџинија. Доколку го задржи истото ниво тешко ќе биде Обама да загуби на наредните избори догодина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG