Владините реклами ја уриваат слободата на медиумите

Конференција „Пазарот на медиуми во Македонија - трендови и перспективи“.

Со владините реклами се урива слободниот пазар на медиуми, а со тоа и слободата на медиумите, се жалат дел од сопствениците на медиуми во земјава.
Нетранспарентната распределба на владините реклами, според дел од сопствениците и раководители на медиумите се главниот причинител на уривањето на пазарот на медиуми, а со тоа и на квалитетот на медиумите, при што како неизбежна се спомена и слободата на изразување.
Секој манипулира со овие податоци. Во најмала рака може да се знае кој колку весници продава за да може да има рангирање на медиумите кога се работи за распределба на буџетите, но тоа тука никому не му е потребно зашто тоа би бил чекор кон воспоставување ред и критериуми на пазарната економија.
Лирим Дулови, ко-сопственик на весникот Коха.

Во Македонија, нема слободно новинарство затоа што нема слободни медиуми, а нема слободни медиуми затоа што не функционираат правилата на слободниот пазар, оцени ко-сопственикот на весникот Коха, Лирим Дулови, на Конференцијата „Пазарот на медиуми во Македонија – Трендови и перспективи“, организирана од Македонскиот институт за медиуми во Скопје. Транспарентноста на распределбата на рекламите е нула и никој не знае колкави се тиражите на весниците, вели Дулови.

„Секој манипулира со овие податоци. Во најмала рака може да се знае кој колку весници продава за да може да има рангирање на медиумите кога се работи за распределба на буџетите, но тоа тука никому не му е потребно зашто тоа би бил чекор кон воспоставување ред и критериуми на пазарната економија“, вели Дулови.
80, 90, ајде 95 отсто од приходите на една македонска најгледана телевизија доаѓаат од државата и остатокот од она што не е држава доаѓаат од четири најгледани серии кои се емитуваат во ударен термин една по друга.
Љупчо Зиков, сопственик на Капитал медиа груп.

Тој се пожали дека само мал дел од рекламниот колач што доаѓа и од приватниот сектор, завршува во медиумите на албански јазик. Тој најави дека сопствениците на медиуми на албански јазик разговараат за покренување заедничка кампања против производите кои не се рекламираат во овие медиуми затоа што прават етничка дискриминација при огласувањето.

Сопственикот на Капитал Љупчо Зиков, пак, вели дека половина од вината е кај државата, но исто толкава вина носат и медиумите.

„80, 90, ајде 95 отсто од приходите на една македонска најгледана телевизија доаѓаат од државата и остатокот од она што не е држава доаѓаат од четири најгледани серии кои се емитуваат во ударен термин една по друга“, рече Зиков.

Менде Младеновски од локалниот битолски весник, пак, се пожали дека сите реклами завршуваат во скопските медиуми, а само мал дел од рекламниот колач завршува во внатрешноста и со тоа се уништуваат локалните медиуми.

Претседателот на Асоцијацијата на медиуми во комората на огласувачи на Словенија и главен извршен директор на Адриа Медиа од Љубљана Томаж Дрозг се обиде да ги пренесе словенечките искуства и рече дека решението е во интернационализација.

„Кај нас го имаше истиот проблем, за кој слушам дека сега го имате и вие. Две работи недостасуваа во целиот систем, тоа е етика и морал, значи јасни правила по прашањето на издаваштвото, новинарската етика и професионалноста, и тоа нема да го изградите сами без да ги пуштите внатре странските медиуми кои тоа го имаат изработено до максимум. Треба да ги пуштите внатре за да научите, како што и ние моравме од нив да ги научиме правилата на игра. Тоа не важи само за медиумите, туку и за маркетинг агенциите, кои на некој начин во Македонија, како што сè уште делумно е и во Словенија, ги распределуваат парите по основ на некои интересни групи“, рече Дрозг.