Нема политичка волја за борба со корупцијата

Власта нема разбирање за значењето на улогата на независното судство во модерната демократија, засновано врз владеење на правото и поделбата на власта, велат од Транспарентност Македонија.
Регулацијата во секторот енергетика, извештајот на Европската комисија за Македонија во однос на корупцијата и судството се најдоа во месечниот извештај на Транспарентност Македонија за октомври. За Транспарентност Македонија, спорно е укинувањето на дневната евтина тарифа на струјата и наметнување на обврската на лицата кои не се корисници на Топлификација да плаќаат фиксен надоместок на ова претпријатие. Од таму ги прашуваат надлежните институции, Владата, Собранието и Министерството за економија кои се мотивите на ова регулаторно тело и зошто настапува на штета на граѓаните?
Во Македонија е речиси невозможна борбата со корупцијата, заради недостаток на политичка волја на владејачките партии, но особено заради фактот на легализирани практики и процеси кои поттикнуваат корупција.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.


„Ги повикуваме горе наведените институции да објаснат на македонската јавност, зошто еден дел од нивниот доход без сериозно и аргументирано образложение се пренаменува во форма на профит кај ЕВН Македонија и Топлификација“, вели Ана Јаневска Делева.

Ана Јаневска Делева, извршен директор на Транспарентност Македонија


Според неа, сомневањата за широко распространета корупција во јавните набавки била потврдена и во извештајот на Европската комисија, каде оценките се загрижувачки.

„Ние сакаме да ја предупредиме јавноста и Европската комисија дека денеска во Македонија е речиси невозможна борбата со корупцијата, заради недостаток на политичка волја на владејачките партии, но особено заради фактот на легализирани практики и процеси кои поттикнуваат корупција. Процес кој се заокружува со комплетно парализирање на правосудните органи.“
Не е јасно каде Европската комисија во својот извештај видела мал напредок во независноста и непристрасноста на судството. На ова поле ништо не е направено, од единствена причина што нема политичка волја нешто да се стори.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.

Од Транспарентност Македонија имаа забелешка и за реформите во судството кое е западното во длабока криза и кулминирало со блокада на работата на Врховниот суд и Судскиот совет.

„Не е јасно каде Европската комисија во својот извештај видела мал напредок во независноста и непристрасноста на судството. На ова поле ништо не е направено, од единствена причина што нема политичка волја нешто да се стори. Власта нема разбирање за значењето на улогата на независното судство во модерната демократија, засновано врз владеење на правото и поделбата на власта.“

Во извештајот се укажува и на незаконското и нерационално трошење на народните пари и нерегуларното спроведување на јавните набавки од страна на Министерството за економија. Од Транспарентност Македонија ја повикаа Европската комисија да не ги прикрива и шминка реалните оценки за состојбата со реформите, бидејќи тоа не е во интерес на граѓаните на земјата.