„Мобил фестивал“ или развивање на идејата за креативно ослободување

Интернационален фестивал на филмови снимени на мобилен телефон „Мобил фестивал“, постер.

„Сврти подоцна, снимам!“ е мотото на третиот Интернационален фестивал на филмови снимени на мобилен телефон „Мобил фестивал“ што како единствен во регионов ќе се одржи овие два дена во Скопје. Во рамките на манифестацијата се планирани работилници за развивање на индивидуалните перспективи за употреба на новите технологии како креативни алатки во филмското творештво, претставување на нововостановената јуниорска селекција, а на 10 ноември делата од главната програма ќе ги види и битолската публика.
Над 20 остварувања селектирани од 50-тината пристигнати на конкурсот на автори од Италија, Унгарија, Египет, Израел, Хрватска и од Македонија, премиерно ќе бидат прикажани во киното „Фросина“ во рамките на главната програма на третото издание на Интернационалниот фестивал на филмови снимени на мобилен телефон „Мобил фестивал“, единствениот од тој вид во овој дел од Европа.
Филмот како филм не е веќе елитистичка уметност. За да снимите филм не ви треба камера со големина на куфер туку тоа можете да го сторите со мало мобилно апаратче кое можете да го ставите во џебот. Ние сакаме да ја потенцираме таа можност дека имате камера и дека можете кога сакате да снимите нешто.
Саша Станишиќ, режисер и директор на Фестивалот.

Наедно во рамките на интернационалната селекција ќе бидат претставени најдобрите филмови од слични светски фестивали, а љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да ги видат и делата на творците од регионов.

Саша Станишиќ, режисер и директор на Фестивалот, вели дека тие како организатори сметаат оти ваквиот тип на манифестации имаат своја иднина затоа што целата таа револуција на новите технологии подразбира и менување на филмскиот медиум, како во поглед на продукцијата, така и во поглед на неговата перцепција.

„Филмот како филм не е веќе елитистичка уметност. За да снимите филм не ви треба камера со големина на куфер туку тоа можете да го сторите со мало мобилно апаратче кое можете да го ставите во џебот. Ние сакаме да ја потенцираме таа можност дека имате камера и дека можете кога сакате да снимите нешто.“
Таа мала камера е ултимативната алатка за снимање на пример документарци. Нема подобра. Кога сакаш можеш да снимаш. Не мора да викаш снимател. Земаш камера и самиот го регистрираш тоа што сакаш.
Саша Станишиќ, режисер и директор на Фестивалот.

Тој дополнува дека, всушност, идејата со овој фестивал е луѓето да се мотивираат мобилните телефони креативно да ги искористат, да не се говори дека новите технологии носат само отуѓување туку напротив еден вид креативно ослободување. Како пример за ова, Станишиќ ги наведува големиот број на пријавени автори и посебно новопромовираната селекција на јуниорски остварувања на учениците од основните училишта.

„Таа мала камера е ултимативната алатка за снимање на пример документарци. Нема подобра. Кога сакаш можеш да снимаш. Не мора да викаш снимател. Земаш камера и самиот го регистрираш тоа што сакаш.“

Во рамките на манифестацијата ќе се одржат и отворени филмски работилници на кои учесниците ќе се мотивираат да развијат своја лична и индивидуална перспектива за употреба на новите технологии како креативни алатки за филмско изразување, а посебно важно е што филмовите од главната фестивалска вечер на 10 ноември ќе бидат прикажани и на проекциите во Центарот за култура во Битола.

„Идејата е во наредните години фестивалот да се дисперзира, и не само просторно со прикажување на филмовите во други места, туку и временски што подразбира дека конкурсот ќе трае преку целата година и како што ќе пристигнуваат одредени дела ние веднаш ќе организираме проекции и настани се со цел да се смени свеста дека она што ќе се сними веднаш може да стигне до конзументите или на некој од фестивалите со кои ние сме во директна комуникација.“

Ова подразбира дека „Мобил фестивал“ е дел од Мрежата на меѓународните фестивали кои што промовираат филмови снимени со мобилни телефони, па така еден од минатогодишните победници „Сè е пари“ на Дукаџин Борова учествуваше на престижниот фестивал во Сан Диего и беше одбран за најдобар филм во кој што е користена анимација.

Инаку, Фестивалот е поддржан од мобилниот оператор ОНЕ, градот Скопје, Филмскиот фонд на Република Македонија, Словачката амбасада и Општина Центар, а главната награда е „Сони експириа СОЛА“.