Во Грција алармантен број расистички напади

Мрежа од над дваесет невладини организации соопштија дека расно мотивираните напади врз мигрантите во Грција е на алармантно ниво. Според нив, ситуацијата ја влошува и тоа што ваквите случаи ретко се казнуваат во земјата која неколку години е погодена од економска криза.
Групата невладини организации, меѓу нив и на Обединетите нации за бегалци, наведува дека меѓу јануари и септември оваа година биле регистрирани 87 расистички напади, но оти вистинскиот број е многу поголем, бидејќи повеќето од жртвите се плашат да ги пријават таквите случаи. Притоа се додава дека имало примери кога во тоа ги обесхрабрувала и самата полиција.

Жртвите најчесто се од Албанија, Авганистан, Бангладеш, Ирак, Пакистан и Сомалија.

Аналитичарите оценуваат дека економските тешкотии во презадолжената Грција предизвикала зголемување на одмаздничките и крајно десничарски групи за кои постои сомневање дека стојат зад ваквите напади.

Досега, како што се додава, не бил осуден ниту еден извршител на вакви напади кои најчесто се случувале на јавни места и во јавниот превоз. Скоро секогаш, според наводите во извештајот, станува збор за група луѓе облечени во црно, со шлемови и маски на главата.
Организациите за заштита на човековите права веруваат дека во тоа предничи екстремистичката Златна зора. Оваа партија, која до пред само неколку години беше на маргините на општествениот живот во Грција, на изборите во јуни годинава освои 18 пратенички места во парламентот.

Златна зора негира дека нејзини членови вршеле расистички напади, а постојано ги отфрла и наводите дека била неонацистичка партија.

Во извештајот на невладините организации исто така се вели дека жртвите зборуваат за области во Атина во кои не смеат да одат поради можни напади врз нив.

Досега, како што се додава, не бил осуден ниту еден извршител на вакви напади кои најчесто се случувале на јавни места и во јавниот превоз. Скоро секогаш, според наводите во извештајот, станува збор за група луѓе облечени во црно, со шлемови и маски на главата.

Во меѓувреме, агенциите јавуваат дека грчкиот Парламент со големо мнозинство изгласа да им биде укинат пратеничкиот имунитет на тројца пратеници од Златна зора. Двајца од нив се поврзани со напади врз имигранти минатиот месец, додека портпаролот на партјата Илиас Касидиарис бил вмешан во вооружен грабеж што се случил во 2007 година.


Грција е главното место за влегување на илегалните имигранти од Африка и Азија на нивниот пат до другите членки на Европската унија. Секоја година за таа цел десетици илјади илегалци од Турција влегуваат во Грција која веќе над пет години е во рецесија предизвикана од тешката должничка криза.

Невработеноста е на рекордни 25 насто, а земјата се соочува со уште неколку напорни години на исполнување на условите на меѓународните кредитори, односно кратење на трошоците и зголемување на даноците за да може да ја добие ветената финансиска помош и да го одбегне банкротот.

Грчката влада извесно време преговора со меѓународните кредитори околу новиот пакет мерки за штедење вреден 13 ипол милијарди евра со цел да ја добие наредната транша од спасувачкиот пакет од 130 милијарди евра.

Доколку не ја добие, Грција до крајот на месецот ќе остане без пари што пак, би можело да ја принуди земјата на евентуално напуштање на еврозоната. Грција преживува со меѓународни заеми од 2010 година.