Достапни линкови

Грција: проблемот со имигрантите поголем од финансискиот


Имигранти во Атина.
Имигранти во Атина.

Инвазија без преседан и се заканува на грчката национална стабилност, изјави деновиве министерот за јавен ред Никос Дендиас во одбрана на огромната полициска операција со цел протерување на имигрантите во таа земја. Досега во акцијата која продолжува и натаму се уапсени над 6 илјади луѓе.

„Неуспехот во запирањето на немилосрдниот влез на мигрантите во Грција би можело да ја доведе земјата која живее на странски заеми, до колапс“, изјави министерот за јавен ред Никос Дендиас, додавајќи дека е доведено во опасност и грчкото национално ткиво.

„Проблемот со имигрантите можеби е поголем од финансискиот“, оцени министерот Дендиас, која најави дека доколку биде попречен во акцијата ќе си поднесе оставка. За повеќето посматрачи тоа е своевидено негово предупредување до опозициската левица која полициската акција ја нарече погром.

Имено, само во изминатиот викенд во акцијата беа вклучени над 4 ипол илјади полицајци па се смета за една од најголемите во таа земја.
Во Грција има околу 800 илјади регистрирани и, според проценките, уште околу 350 илјади илегални имигранти, што дополнително ги вознемирува грците кои гледаат како некогаш дарежливите владини социјални програми исчезнуваат.

Со својата позиција на југоистокот од Европската унија, Грција подолго време е транзитна земја на сиромашни мигранти од Африка, Азија и Блискиот Исток. Но, глобалната економска криза и Арапската пролет го интензивираа бранот имигранти по што Атина мораше и за овој проблем да бара помош од Брисел.

„Барам од грчкиот народ патриотизам, национално единство и доверба. Со Божја помош, ние ќе направиме се што можеме за да ја извлечеме земјата од кризата и тоа што е можно поскоро“, изјави премиерот Андонис Самарас пред јунските избори, ветувајќи справување и со илегалната миграција.

Неговата Нова демократија победи со тесна разлика пред партијата Сириза која ја осуди најновата полициска акција.

Во минатата недела, грчката влада реши да испрати стотици полицајци на границата со Турција, позната рута на шверцерите со луѓе од Африка и Азија. Потегот е образложен и со страхувањата од можен бегалски бран од Сирија која е зафатена со внатрешни конфликти.

Во Грција има околу 800 илјади регистрирани и, според проценките, уште околу 350 илјади илегални имигранти, што дополнително ги вознемирува Грците кои гледаат како некогаш дарежливите владини социјални програми исчезнуваат.

Тие се жалат дека странците им ја земаат работата и му се закануваат на националниот идентитет. Ваквите фрустрации политички ги користи екстремната Златна зора, крајно десничарска партија која најчесто е поврзана со растечкиот број напади врз имигрантите, но која жестоко отфрла дека е неонацистичка група.


Златна зора која на последните избори доби 7 насто од гласовите бара итна депортација на сите имигранти и го обвини премиерот Самарас за неиполнување на неговите предизборни ветувања дека ќе се бори против овој проблем.

Инаку, оваа партија ја доби поддршката на јавноста за голем број инцијативи, вклучувајќи ја и онаа за давање бесплатна храна, но само на оние што ќе покажат грчки лични карти.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG