Македонија - расадник на талентирани каратисти

Симон Антиќ.

Каратистот Симон Антиќ освои бронзен медал на турнир од Премиер лигата во Атина. Тој беше најмлад учесник на престижното натпреварување.
Серијата успеси на македонските каратисти на врвната меѓународна сцена, изминатиот викенд ја продолжи Симон Антиќ. Станува збор за нашиот јуниорски репрезентативец, кој во Атина, во конкуренција на сениори (во категоријата до 84 килограми), освои бронзен медал на турнир од Премиер лигата. Успехот (до кој дојде со 3 победи од 4 меча) е поголем кога ќе се додаде дека Симон како 19 годишник е убедливо најмлад учесник во престижното натпреварување, во кое влезе без страв и со големи мотиви.
Поради тоа што сум постар јуниор, а тие сениори имав голем мотив да победам неколку од нив. Така да, тоа не ми беше никаков проблем. Значи, напротив имав мотив за што да се борам, имав голема желба и желбата ми се исполни.
Симон Антиќ, каратист.

„Поради тоа што сум постар јуниор, а тие сениори имав голем мотив да победам неколку од нив. Така да, тоа не ми беше никаков проблем. Значи, напротив имав мотив за што да се борам, имав голема желба и желбата ми се исполни“, рече Антиќ, кој девет години беше член на клубот „Јошитака“, а во последниве три, тренира и се натпреварува како претставник на „Макпетрол“.

Токму овој клуб му овозможи во дебитантската сезона во Премиер лигата (досега) да настапи на 5 турнири (во Атина, Париз, Додрехт, Истанбул и Франкфурт), кои требаше да му послужат за стекнување искуство. Резултатите покажуваат дека целта е исполнета, но што е уште позначајно, Симон се проби меѓу најдобрите 30 на листата со 130 каратисти (од светот) во неговата категорија до 84 килограми. Со тоа и тој потврдува дека Македонија е расадник на талентирани каратисти, за кои, ниту поскромните услови за работа не се пречка да бидат рамноправни, па и подобри од претставниците на пореномираните и поразвиени земји во овој спорт.

„Можеби имаме ние малку помалку услови за работа за разлика од нив, но се трудиме колку можеме и работиме колку можеме понапорно за да ги стигнеме. Имаме добар тренер, како Бошко Заборски што е на пример, добри услови за тренинг, имаме наша сала, вежбаме кога сакаме и тоа е тоа“, додава Симон, кој не пропушта да ги спомене и неговите први тренери, Живко Тасевски, Столе Андреевски и (кондициониот тренер) Златко Јанакиевски.

Тие, заедно со Заборски, се најзаслужни за неговите успеси во досегашната кариера, во која освен со титулата првак на Македонија за постари јуниори (во категорија над 78 килограми) и со бронзата од Атина, се закити и со златен медал на турнир од Златната лига (во Милано), потоа со сребрени трофеи на Медитеранското првенство (во Бари) и на Гран При Кроација Опен, како и со бронза во екипна конкуренција на ЕП за региони (во Анкара), а за одбележување е и петтото место на годинашното ЕП во Азербејџан. Сето ова говори дека од него во иднина можеме да очекуваме уште поголеми успеси, а тој за во наредните неколку месеци, посакува:

„Прво сакам да ја одбранам титулата на државното првенство што ќе се одржи на 28-ми октомври и да се пласирам за Европското првенство. И таму, најнормално да направам добар резултат. Исто така сакам оваа година да соберам што е можно повеќе бодови за Премиер лигата. Па понатаму ќе видиме, следната година има и Светско Првенство“, истакна на крајот Симон Антиќ.