Со музика до поголема толеранција

Концерт Музика за толеранција во Скопје, постер.

Со учество на Хорот при основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, Тони Китановски и „Черкези оркестар“ и групите БЛА БЛА БЛА и АЈ КЈУ, утревечер од 19 часот, на Плоштадот Македонија во Скопје, ќе се одржи концертот насловен МУЗИКА ЗА ТОЛЕРАНЦИЈА што како организатори го потпишуваат „Баги комуникации“ и амбасадата на САД.
„Со музика до подобар свет“ е мотото на акцијата чија крајна цел е промоција на културата на толеранција во Република Македонија. Идејата за концертот што ќе се одржи на Плоштадот Македонија во Скопје е на агенцијата „Баги комуникации“, а проектот е под покровителство на Американската амбасада во нашава земја.
Она што ќе се обидеме да направиме е да пратиме една порака дека толеранцијата и меѓусебното разбирање и почитување особено е исклучително важна и сега како и секогаш досега, но можеби во овие турбулентни времиња уште повеќе.
Владимир Мандичевски, организатор на концертот.

Организаторите истакнуваат дека навистина е тешко да се најде форма која ќе ги обедини сите групи на граѓани во земјава по национална, верска, политичка и било каква друга припадност, па затоа музиката се наметнала како најлогичен фактор бидејќи со себе го носи својот универзален јазик.

Тони Китановски и Черкези оркестра.


„Она што ќе се обидеме да направиме е да пратиме една порака дека толеранцијата и меѓусебното разбирање и почитување особено е исклучително важна и сега како и секогаш досега, но можеби во овие турбулентни времиња уште повеќе. Доколку секој во своето поле на делување направи еден напор, како што ние се обидуваме преку концертов и музиката да го направиме, мислам дека ќе ги помрднеме работите кон позитивно од точката таму каде што сме во моментов“, истакнува Владимир Мандичевски од „Баги комуникации“.

Работата на уметниците е да го допрат тој духовен свет на слушателите и да им пренесат некаква порака преку својата музика. Една од пораките може да биде дека еве заедно свират бендови со различни етнички позадини. Публиката ги забележува тие работи. Не е случајно што овој проект е претставен токму преку музиката.
Тони Китановски, музичар.
На отворената сцена е предвидено да настапат Хорот при основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, групите БЛА БЛА БЛА и АЈ КЈУ и Тони Китановски и неговите „Черкези оркестар“.

„Работата на уметниците е да го допрат тој духовен свет на слушателите и да им пренесат некаква порака преку својата музика. Една од пораките може да биде дека еве заедно свират бендови со различни етнички позадини. Публиката ги забележува тие работи. Не е случајно што овој проект е претставен токму преку музиката. Навистина ми е драго што ќе учествуваме токму со „Черкези“ на овој настан и се надевам дека времето ќе биде поволно и ќе се собере публика во поголем број“, вели Китановски.

Со оглед на тоа што овој проблем на толеранција не е само проблем на Република Македонија, туку со децении наназад наша сурова балканска реалност, идејните творци на проектот веруваат дека на овој начин ќе ја поттикнат јавната свест за потребата за толеранција и меѓусебно почитување. Од таму не чуди што Мандичевски заговара и една поширока регионална акција и вели дека притоа најдиректно ќе и се обратат на младата популација.

„Се обраќаме пред се на млада публика, оние што имаат проблеми и оние што во иднина ќе треба да ги водат земјите во регионот. На нив е иднината на целиот регион. Ако од сега им се остави да бидат под влијание само на различни политички опции и разни радикални струи, мислам дека така ќе изгледа и иднината на Балканот.“