Неликвидноста - ургентен проблем на стопанството

Armenia - Workers at a textile factory, undated

Најголемиот проблем со кој се соочува стопанството во време на криза е неликвидноста. Фирмите бараат владини мерки за решавање на проблемот.
Најургентниот проблем со кој се соочува стопанството во време на економска криза е неликвидноста и владата треба да излезе со мерки за негово решавање, велат упатените. Некои од стопанските комори, поради тешката економска состојба која ја зафати Македонија, упатија предлози банките да ја преземат обврската и да го врата долгот на владата кон компаниите.
Tреба да се стимулира потрошувачката, пред сè домашната потрошувачка, за да се надополни некако губењето на странските пазари поради рецесијата во ЕУ.
Мирче Чекреџи, Сојуз на стопански комори.

Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори вели дека е потребно да се преземат мерки кои ќе ја подобрат ликвидноста на стопанството и ќе ја зголемат потрошувачката.

„Затоа што, поради рецесијата очекуваме тоа уште да се влошува. Понатаму треба да се стимулира потрошувачката, пред сè домашната потрошувачка, за да се надополни некако губењето на странските пазари поради рецесијата во ЕУ.“
Она што сега треба да го направи владата за да му олесни на стопанството, генерално кажано, е да ги намали непотребните трошоци кои ги наметнува преку разни давачка, а кои за стопанството се чист товар и во овој период на криза се не само непотребни, туку и многу штетни за стопанството и за целата држава.
Ванчо Узунов, универзитетски професор, член на Економскиот совет на СДСМ.

Професорот и член на Економскиот совет на СДСМ Ванчо Узунов вели дека сме ставени во ситуација да се реагира отпосле, наместо превентивно и затоа сега ќе платиме поголема цена бидејќи веќе влеговме во криза. Според него, освен што владата треба да најде решение за долговите кои ги има кон стопанството, треба да ги намали и давачките.

„Она што сега треба да го направи владата за да му олесни на стопанството, генерално кажано, е да ги намали непотребните трошоци кои ги наметнува преку разни давачка, а кои за стопанството се чист товар и во овој период на криза се не само непотребни, туку и многу штетни за стопанството и за целата држава.“

Владата треба да разгледа и како ќе може краткорочно да влијае на цените на енергенсите, додава Узунов.

„Треба да излезе со јасно, транспарентно покажана политика, дали преку стоковите резерви, дали преку некој вид на регулирање на цени, дали на некој трет начин или комбинација од сите тие, меѓутоа јасно да им каже и на стопанството и на граѓаните за наредните шест месеци до година дена како се движат цените на енергенсите и потоа да ја остави таа политика, настојувајќи цените да не растат или колку може помалку да растат, односно ако може да останат на ова ниво, ако може да се спуштат уште поубаво.“

Според Чекреџи, не се исклучува веројатноста компаниите да почнат да отпуштаат работници.

„Се разбира, сега компаниите од реалниот сектор ќе реагираат на начин на којшто ќе ги намалуваат трошоците. Намалувањето на трошоците подразбира и отпуштање на вишок работна сила ако се најде во моментот.“

Експертите сметаат дека Владата, кога не успеа да ја спречи кризата, сега барем нека се потруди да ја излечи, а во кој правец натаму ќе се одвива економската состојба ќе се знае по третото тримесечје.