„Нешто е гнило“ - мото на „Млад отворен театар“

Театарски фестивал „Млад отворен театар“ во Скопје, постер.

Девет продукции, меѓу кои култната „Пред ваши очи“ на англиско-германската трупа ГОБ СКВАД, „Граница“ на Норвежанецот Јо Стромгрен и „Војцек“ на Андриј Жолтак од Украина, ќе бидат прикажани на 37-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“, кој под мотото „Нешто е гнило“, од 21 до 26 септември, ќе се одржи во Скопје.
Горчливиот вкус на гнилотијата во човекот е она кое ќе остане кога ќе се погледнеме во огледалото на театарот. Оној и онаков каков што го негува МОТ. Смел, директен, суров. И без влакно на јазикот. И кога ќе ја видиме вистината за тоа какви сме биле и во што сме се претвориле.
Нема да имаме само смотра на театри. Нема да имаме само ревија на театарски претстави. Ќе имаме се’ она што го чини и сочинува еден сериозен фестивал, токму онаков каков што е, да не звучи претенциозно, Единбург или Берлинскиот театарски фестивал, значи сите оние работилници, тренинзи, предавања и промоции.
Златко Стефковски, Младински културен центар.

Ова меѓу другото ќе го забележи Златко Стефковски, директорот на Младинскиот културен центар, објаснувајќи го поттекстот на Шекспировото „Нешто е гнило“ - мотото на годинешното 37-мо издание на „Млад отворен театар“. Тој притоа дополнува дека организаторите со навистина скромен буџет ( 4, 5 милиони денари од Министерството за култура и 1,5 милиони денари од Град Скопје), овојпат се погрижиле да направат сериозен фестивал во вистинската смисла на зборот.

„Нема да имаме само смотра на театри. Нема да имаме само ревија на театарски претстави. Ќе имаме се’ она што го чини и сочинува еден сериозен фестивал, токму онаков каков што е, да не звучи претенциозно, Единбург или Берлинскиот театарски фестивал, значи сите оние работилници, тренинзи, предавања и промоции.“
МОТ е единственото прозорче во една прилично херметична македонска театарска средина во која што живееме во овој момент кон театарска Европа и театарскиот свет и во таа смисла само овде уште можеме, доколку некаде не отпатуваме, да видиме што се случува таму.
Зоја Бузалковска, режисерка.

Отворањето на манифестацијата ќе биде на 21 септември во реновираната сала на Младинскиот културен центар со култната „Пред ваши очи“ на англиско-германската трупа ГОБ СКВАД, претстава во која играат деца од 8 до 14 годишна возраст „но нималку не е за деца“. Следува „Граница“ на норвешкиот кореограф и перформер Јо Стромгрен кој лично ќе се појави во сопствениот проект што ретко го прави, а на 23 септември во Универзална сала љубителите на театарот, по цела една декада, ќе имаат можност да се сретнат со талентираниот и контроверзен Украинец Андриј Жолдак и неговиот „Војцек“ во која тој ја испитува „човековата издржливост“.

На 37-от МОТ ќе видиме и три македонски продукции - „Змејовата невеста“ на Националната институција Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп во режија на Нела Витошевиќ, „Питачка опера“ од Вацлав Хавел на Дино Мустафиќ и изведба на Албанскиот театар од Скопје и перформансот „КонФузија“ на Билјана Радиновска како проект на универзитетот Еуробалкан и Локомотива.
Тука се и „Хипермнезија“ на Селма Спахиќ, „Хартефакт“ и белградскиот Битеф театар, старите познаници Словенско младинско гледалиште со „Мефисто“ на Клаус Ман во режија на Едуард Милер и конечно за крај е оставена „Недопирливите“ на Јиржи Јарковски и Петр Бохач на чешката „Спитфајр компани“.

Инаку, покрај предавањата на Стромгрен за продуценти и на Жолдак за изведувачи, ќе има и работилница за актери „Кратки резови“ на Аида Буквиќ од Хрватска, ќе се одржат 13-то Биенале на театарски плакат и Регионалната дебата за независниот театар во Македонија и регионот што ќе ја води Александер Опиц, а новина е кино-театарот со четири проекции на значајни светски продукции („Пина“, „Уште еден куршум“, „Rosas Danst Rosas“ и „Пекол – Чистилиште – Рај“).
Згора на тоа ќе биде организирана и неформална средба со Љубиша Никодиновски Биш кој во МОТ е од неговите почетоци во 1976 година.

И, кога ова е познато, не чуди кога режисерката и член на советот на фестивалот Зоја Бузалковска вели дека МОТ е единственото прозорче преку кое можеме да ги следиме театарските трендови во светот.

„МОТ е единственото прозорче во една прилично херметична македонска театарска средина во која што живееме во овој момент кон театарска Европа и театарскиот свет и во таа смисла само овде уште можеме, доколку некаде не отпатуваме, да видиме што се случува таму.“

Кон ова само уште информацијата дека влезниците ќе можат да се набават од понеделник по цена од 300 денари за поединечна претстава или 1.200 денари за еден комплет.