Расправата за законот за бранители на пауза уште пред да почне

Споменикот „Ангел“ во Битола во чест на загинатите бранители кај Вејце во 2001 година.

Комисиската расправа за законот за бранители е одложена за неколку часа, затоа што пратениците треба да присуствуваат на почетокот на 40-тата собраниска седница.
Пратениците ни по викендот немаа сила да продолжат со собраниската комисија за труд и социјална политика каде што треба да се расправа за законот за бранители. Таа е одложена за неколку часа. На денешната седница се појавија само пратениците од ДУИ, еден од ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на комисијата од СДСМ. Пратениците од ДУИ побараа одложување на комисиската расправа затоа што денеска почнува и 40-тата собраниска седница на која што сакаат да присуствуваат.
Сега има координација кај претседателот, на којашто нашиот говорник Талат Џафери кој продолжува и понатаму да говори по точката, а бидејќи е координатор на пратеничката група на ДУИ мора да присуствува на координацијата. Во исто време, бидејќи во 11 часот почнуваме со нова седница на којашто ќе се утврдува дневниот ред и ќе се гласа, повторно сите пратеници треба да бидат во салата, ја одлагам седницата.
Цветанка Иванова, претседал на Собраниската комисија за труд и социјална политика.

„Сега има координација кај претседателот, на којашто нашиот говорник Талат Џафери кој продолжува и понатаму да говори по точката, а бидејќи е координатор на пратеничката група на ДУИ мора да присуствува на координацијата. Во исто време, бидејќи во 11 часот почнуваме со нова седница на којашто ќе се утврдува дневниот ред и ќе се гласа, повторно сите пратеници треба да бидат во салата, ја одлагам седницата“, соопшти претседателата на комисијата Цветанка Иванова.

Законот за бранители денеска е ставен како точка и на 40-тата собраниска седница, но како 21 точка. Таа точка нема да се разгледува сè додека не заврши процедурата на нејзиното разгледување во Комисијата.

Пратениците од ДУИ најавија дека и понатаму ќе се обидуваат да го бојкотираат донесувањето на законот со сите административни, процедурални и технички средства, односно да држат долги говори, да бараат постојано паузи и координации со цел пролонгирање на разгледувањето на законот.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери прв почна со маратонски говори на комисиската расправа, кои се дозволени со деловникот. Два дена читаше делови од Уставот и законите пред пратениците, а денеска треба да продолжи.

За овој закон, Собранието ќе расправа во редовна постапка, што значи дека прво треба да го разгледаат комисиите за одбрана и безбедност и за политички систем. Откако овие комисии ќе ја утврдат потребата од усвојувањето на ваков закон, потоа треба да гласаат и пратениците. Во втората фаза, истите комисии ќе расправаат ако бидат доставени амандмани, по што законот оди на собраниска седница.

Законот за бранители го предлага пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а поддршка даде и опозицискиот СДСМ, додека партиите на Албанците во Парламентот се против, со образложение дека тој е антиалбански, дискриминаторски, како и дека е штетен за мултиетничкиот живот и евроатлантската иднина на Македонија.

Утрово неколку членови на невладината организација „Разбуди се“ пред главниот влез на Собранието делеа флаери на македонски и на албански јазик на кои пишува „Законот за бранителите не поминува“.