Две децении тапкање во место

Изминативе 21 година независна држава, може по многу основи да ја оправда и разочараноста поради товарот кој повторно го понесоа самите граѓани.
Низ годините македонските граѓани слушнаа многу ветувања, секогаш слични, најчесто неусогласени со политичката ориентација и убедувања, подоцна ќе се види и со политичкиот капацитет, а усогласени со желбите на гласачите, кои од избори на избори се печатеја во се поголем број примероци, се делеа на се поупорен начин и добиваа се подетални и помодерни форми. На крајот на сите мандатот им беше кус за да ги исполнат ветувањата, ги користеа сите можности што ги нуди власта за да ги остварат своите интереси, се оддалечуваа од народот кој секогаш остануваше сам во реалноста и секогаш беше единствен кој ја живее. Еве каква е таа денеска од нивна перспектива.
Не гледам никакво подобрување, гледам само влошување. Затоа што се повеќе луѓе се без работа, се се’ поскапува. Милион промени, а никако да се среди.
Анкетиран граѓанин.

Политичарите се одалечија од народот

„Не гледам никакво подобрување, гледам само влошување. Затоа што се повеќе луѓе се без работа, се се’ поскапува. Милион промени, а никако да се среди.“

„Ми пречи тоа што се караат двете најголеми партии, таа тензија смета. И нема оптимизам се додека вака се расправаме сите. Сите политичари ветуваат, а нема ништо, работата ќе дојде до Брисел и прекинува.“

Се гради, значи нешто се прави
Зградите се убави, ама народот нема леб да јаде. Проблемот е што стандардот е многу низок, инаку се е убаво, се се гради, државата убаво напредува.
Анкетиран граѓанин.

Се гради, значи нешто се прави. Ова е современата верзија на римската традиција дајте му на народот леб и игри и тој ќе биде среќен. Денеска за многумина изградбата на споменици и објекти е знак дека напредуваме.

„Градат, има што да се види, напред одиме.“

„Зградите се убави, ама народот нема леб да јаде. Проблемот е што стандардот е многу низок, инаку се е убаво, сè се гради, државата убаво напредува.“

„Некои велат дека нема, ама секогаш немало пари, може и подобро, меѓутоа и ова е добро.“

Сиромаштијата гостин во многу домови
Ако не си член на партија, за тебе нема леб. На телевизија кажуваат вака направиле, тоа направиле, а во стварност да отидеш да побараш нешто, ќе те одерат жив.
Анкетиран граѓанин.

Срамежливо, во позадина, а потоа се погласно, поблиску и помасовно се спомнува сиромаштијата. Секој ден зафаќа нови домови и семејства и тие кои можеби до вчера не ја искусиле толку јасно. Статистиката кажува бројка од 30 проценти од граѓаните не знаат како да поминат денот.

„Стандардот опаѓа се повеќе и повеќе, веќе сме при крај. Не знам дали може повеќе да падне?

„Ако не си член на партија, за тебе нема леб. На телевизија кажуваат вака направиле, тоа направиле, а во стварност да отидеш да побараш нешто, ќе те одерат жив.“

Поскапувањата стапија на сцена
Ова, да биде проблемот потежок, е дополнето со висок степен на неликвидност во економијата, ниско ниво на инвестиции на корпоративниот сектор, кои пак од своја страна генерираат проблем, односно неможност да се апсорбира вака големата стапка на невработените, оти факт е дека само инвестициите се тие кои можат да креираат нови работни места. Постои и нагласен сентимент на песимизам за развој на економијата, што и кај корпоративниот сектор влијае на намалување на потрошувачката.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Во последниов период македонските граѓани се соочија со драстични поскапувања. Државниот завод за статистика изнесе процент од 3,7 поскап живот во август во однос на истиот месец минатата година. Бројките покажуваат и дека рапидно пораснале трошоците за огрев и осветление, кои се зголемиле за 15,2 отсто, што е последица на новите повисоки цени на струјата, парното и горивата.

Трошоците за исхрана според статистиките пораснале за 2,8 отсто, кај облеката и обувките трошоците пораснале за 5,2 проценти, а за хигиената и здравјето се зголемени за 2,4 проценти. Закажаните за секој вторник протести на спонтано собраните граѓани во здружебието АМАН, пред регулаторната комисија за енергетика најави дека ќе го поддржи и синдикатот на УПОЗ.

Падот на животниот стандард се должи не само на поскапувањата, туку и на намалувањето на платите во приватниот сектор, појаснува професор Зоран Ивановски, според кого лошите економски показатели не завршуваат тука. Ниту по 6 години владеење, актуелната структура на власт не успеа да ја подобри бројката на невработени од кои 67 проценти се лица со високо образование. Последниве десет месеци се бележи постојан пад на индустриското производство и ниско ниво на продуктивност во речиси сите сектори на економијата, ниско ниво на инвестиции и нараснувачки тренд во делот на јавниот долг, ја илустрира актуелната економска состојба во земјава, вели Ивановски.

Петина век е доволно голем временски период за да може да се каже став, дали една економска политика успева или не успева. Во македонскиот случај, таа историска перспектива кажува дека не се успеало со економската политика која се спроведува во Македонија, последните 20 години.
Здравко Савески, универзитетски професор.
„Ова, да биде проблемот потежок, е дополнето со висок степен на неликвидност во економијата, ниско ниво на инвестиции на корпоративниот сектор, кои пак од своја страна генерираат проблем, односно неможност да се апсорбира вака големата стапка на невработените, оти факт е дека само инвестициите се тие кои можат да креираат нови работни места. Постои и нагласен сентимент на песимизам за развој на економијата, што и кај корпоративниот сектор влијае на намалување на потрошувачката.“

Актуелната власт ја постави како прв приоритет во својата програма економијата. За тоа во својата програма наведе редица мерки од кои најпопуларна и прва беше намалувањето на даноците со идеја да се привлечат странски инвестиции. Што се однесува до донесувањето на таквите мерки владата ги исполни ветувањата , но тие не ги постигнаа целите, коментира професор Здравко Савески, што упатува на тоа дека на економската политика на земјава и е потребно преиспитување.

„Петина век е доволно голем временски период за да може да се каже став, дали една економска политика успева или не успева. Во македонскиот случај, таа историска перспектива кажува дека не се успеало со економската политика која се спроведува во Македонија, последните 20 години“, додава Савески.
Покажавме дека или не ја разбираме демократијата, или како граѓани не го бараме од владите да го испорачаат она што го ветуваат. Значи јас не велам како ќе го реши името, мене не ме интересира. Мене како граѓанин ме интересира, зошто три изборни циклуси по ред велат дека приоритет е НАТО и ЕУ, а знае дека името е проблем, е сега треба да го испорачаат.
Лидија Димова, Македонски центар за европско образование.

Професор Ивановски кој е на мислење дека на државава и е неопходна нова развојна стратегија која ќе ги примени научените лекции од претходниов период со оглед на тоа што како што вели голем дел од проблемите не се поврзани само со светската економска криза или пак со должничката криза во еврозоната.

„Имаме еден степен на недоверба на владата во можностите и капацитетите на приватниот сектор за генерирање на засилен стопански раст, кој во услови кога државата влегува во голем дел на бизниси, апстинира или со голема резерва се одлучува да инвестира, заради познатата дилема - Дали државата ќе му се појави како конкурент во бизнисот?“, вели Ивановски.

Како резултат на наталожени наместо намалени проблеми, властите решија да интервенираат во бројките и фиктивно да го намалат бројот на невработените како и бројот на лицата кои примаат социјална помош, додава професор Савески.
Сега царува корупцијата, девијантните појави, криминалот и сите видови на тешки кривични дела со кои се доведуваат во прашање безбедноста и на земјата и функционирањето на виталните функции на државата, како и безбедноста на самите граѓани. Овие девијации го кочат процесот на развој на земјата, а посебно на демократијата и на правниот систем на нашата земја. Овие проблеми што ги нагласив, имаат одредени последици и врз меѓунационалните односи во земјата.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

„Тоа не се должи на реално намалување од потребата на давање на социјална помош, туку едноставно на кратење на социјалната помош во насока на рушење на уставниот принцип на социјална држава, која е во Уставот, во Член 1, запишано. Исто така, се намалува, се оди на бришење на бројот на невработени.“

Инверзијата на приоритетите во корист на економијата ги постави евроинтеграциите на второто место во партиската програма на најголемата партија на власт, забележува Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование, што за неа е порака дека економијата се гледа надвор од ЕУ и НАТО и прашува:

„Возможен ли е економски развој вон рамката на ЕУ, ако целта ни е ЕУ, невозможен е.“

Во делот на интеграциите, Димова сегашниов миг го оценува како долготрајно тапкање во место, без оглед кои објаснувања ги нудат властите. За тоа кое може да се сумира во ветувањето дека нема да дозволи да биде загрозено достоинството на народот кога станува збор за водењето на разговорите во насока на разрешувањето на спорот за името со Грција.

„Покажавме дека или не ја разбираме демократијата, или како граѓани не го бараме од владите да го испорачаат она што го ветуваат. Значи јас не велам како ќе го реши името, мене не ме интересира. Мене како граѓанин ме интересира, зошто три изборни циклуси по ред велат дека приоритет е НАТО и ЕУ, а знае дека името е проблем, е сега треба да го испорачаат.“
Ние Македонците имаме една поговорка која не сум ја сретнал на друго место, а тоа е „Свиткана глава, јатаган не ја сече“, тоа ние се уште не сме успеале да го избришеме.
Ѓорѓи Тоновски, универзитетски професор

Од аспект на анализите во која мерка се заштитени и како живеат во овој момент Македонците, за експертите е несомнено дека достоинството е веќе одамна загрозено и тоа не само поради сиромаштијата и стандардот, туку и поради загрозената безбедност, слободи и права, но и поради неминовноста да се биде сведок на секојдневните политички битки меѓу политичките противници, како и пазарењата на кои се сведуваат односите меѓу двата најголеми етноси претставени во Владата.

„Сега царува корупцијата, девијантните појави, криминалот и сите видови на тешки кривични дела со кои се доведуваат во прашање безбедноста и на земјата и функционирањето на виталните функции на државата, како и безбедноста на самите граѓани. Овие девијации го кочат процесот на развој на земјата, а посебно на демократијата и на правниот систем на нашата земја. Овие проблеми што ги нагласив, имаат одредени последици и врз меѓунационалните односи во земјата“, изјави професор Осман Кадриу.

Сите показатели, вели професор Савески укажуваат на постојан пад на демократијата во земјава, за сметка на зголемените способности за манипулација. Со два главни аргументи ја поткрепува својата теза. Прво, со обидите да се штелуваат разни податоци и бројки и второ со користењето на одредени состојби за одвлекување на вниманието од суштинските проблеми.

Од се она што им е понудено на македонските граѓани, се наметнува впечатокот дека тие се осудени на криза, институционална, економска, етничка или друга се со цел да останат работите такви какви што се, а тие се сосема јасно на штета на обичните граѓани, а во корист на политичките елити. Се додека доминира интересот во водењето на државата, ќе слабее довербата на граѓаните во политичкиот систем, што едноставно мора да се смени, анализира Савески.

„Тоа може да роди недоверба во системот на парламентарна демократија. Она што како резултат може да се забележи од дејствувањето на постоечките политички партии е следењето на нивниот партиски интерес оди кон слабеење на довербата во политичкиот систем во Македонија, од страна на нејзините граѓани.“

И повторно социолозите зборуваат за транзиција. Професорот Ѓорѓи Тоновски актулениот миг во кој живее македонското општество го смета за нејасен, неискристализиран и транзициски во кој се уште не е јасно каде одиме. Помина петтина век, но тој вели дека во историска смисла тоа е само миг. Македонскиот граѓанин е се посвесен за своите права иако не и за начинот на нивното остварување, вели Тоновски. Но останува една суштинска слабост која продуцира просперитет, а во која нема многу поместувања, додава Тоновски.

„Ние Македонците имаме една поговорка која не сум ја сретнал на друго место, а тоа е „Свиткана глава, јатаган не ја сече“, тоа ние се уште не сме успеале да го избришеме.“

Со ова упатува на уште една се понагласена карактеристика на актуелниот општествен момент. Заспаната интелектуална елита и развојот на јавната свест, широкото дебатирање за сите важни проблеми кои ја тангираат државата, без кои се чини дека развојот на демократијата е незамисливо.