Законот за бранители во меѓуетнички клинч

Архивска фотографија: Полициски сили во Тетово во 2007 година.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се за законот за бранители, додека партиите на Албанците се против. ДУИ најавува дека ќе ги искористи сите механизми да го спречи донесувањето на законот.
Тензијата во Собранието се намали по заминувањето на камерите. Неколкучасовната дебата ја умртвија долгите говори на дел од пратениците. Тие расправаа за предлог законот за бранителите кој од фиока го извади владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ по настаните во Слупчане.
Битката за докажување на нашето право и вашето грешење денеска почнува. Ви давам до знаење дека тоа ќе биде долга битка во којашто ние ќе победиме.
Џеват Адеми, ДУИ.

Полиција во Ваксинце во 2007.

Во духот на поделеност по етнички линии мина првата расправа во Собраниската комисија за труд и социјална политика. Албанските партии беа сложни, бараа да се повлече предлог законот затоа што го сметаат за противуставен, дискриминирачки и еднонационален кој го загрозува соживотот и начелата на Охридскиот договор. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, застанаа од другата страна, тврдејќи дека предлог законот не е противуставен и дека е во согласност со Охридскиот рамковен договор.
Ова не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту против православните и муслиманите. Доказ за тоа е фактот што во редовите на редовниот и резервниот состав на армијата и полицијата учествуваа и Албанци.
Веле Ѓорѓиевски, ВМРО-ДПМНЕ.
.

ДУИ соопшти дека или ќе има законско решение и за борците на ОНА или ќе ги искористат сите правни механизми за да го оневозможат донесувањето на законот.

„Битката за докажување на нашето право и вашето грешење денеска почнува. Ви давам до знаење дека тоа ќе биде долга битка во којашто ние ќе победиме“, вели Џеват Адеми.

Според него, законот е против европска Македонија.

„Во декември постои можност да добиеме и датум за преговори со ЕУ, но некому тоа очигледно не му одговара. Секој ден имаме повици од Брисел, за вразумување, немојте да ја прокоцкаме оваа шанса“, рече Адеми.

Министерот за одбрана Фатмир Бесими и армиска делегација положија цвеќе на споменик на загинатите припадници на ОНА во Слупчане.


Објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ за потребата за донесување на законот за бранители е национално помирување затоа што во редовите на резервистите и редовниот состав на АРМ и полицијата имало граѓани од сите националности.

Колеги пратеници, аман веќе, тендерите ли се проблем? Седнете, договорете се, ќе најдеме пари во буџетот за да бидете сите вие задоволни од парите коишто очигледно ги добиваат многу луѓе од оваа коалиција, ама оставете ја оваа држава да не се распадне заради вашите ситни кавги.
Радмила Шеќеринска, СДСМ.
Ова не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту против православните и муслиманите. Доказ за тоа е фактот што во редовите на редовниот и резервниот состав на армијата и полицијата учествуваа и Албанци“, вели Веле Ѓорѓиевски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, пак, пратениците на ДПА и НДП кои им изразија поддршка на ДУИ, тврдат дека со овој предлог закон се прави театар за народот и дека нема да дозволат да бидат дел од претставата на владејачката коалиција.

Пратеничката на СДСМ Радмила Шеќеринска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со овој чин ги користи бранителите како монета за поткусурување и побараа владините партнери да не го потпалуваат оганот.

„Колеги пратеници, аман веќе, тендерите ли се проблем? Седнете, договорете се, ќе најдеме пари во буџетот за да бидете сите вие задоволни од парите коишто очигледно ги добиваат многу луѓе од оваа коалиција, ама оставете ја оваа држава да не се распадне заради вашите ситни кавги.“

Реагираа и од Достоинство. Тие обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ го користи законот за бранители за лажен патриотизам затоа што во 2008 година гласале против донесување на ваков закон.

Откако еврокомесарот за проширување Штефан Филе порача дека се потребни дополнителни активности за јакнење на меѓуетничките односи, се огласи и претседателот на Европската комисија Херман Ван Ромпуј. Тој по средбата со претседателот Ѓорге Иванов истакна дека внатрешната стабилност е клучна за Македонија. Во меѓувреме ситуацијата на меѓуетнички план кулминираше со преименувањето на четирите чаирски основни училишта без дозвола на министерот за образование.

Законот за бранителите пред пратениците за гласање треба да се најде на седницата закажана на 10 септември.