Фудбалот не виде аир од странски селектори

Архивска фотографија: Арена Филип Втори.

По оставката на Тошак, фудбалската репрезентација против Литванија ќе ја води Гоце Седловски, а новиот селектор ќе се знае за десетина дена.
По завчерашната оставка на Џон Тошак, македонската фудбалска репрезентација денеска против Литванија со привремено решение на селекторската позиција ќе го одигра последниот контролен меч пред стартот на квалификациите за СП во Бразил(во група сме со Хрватска, Србија, Шкотска, Велс и Белгија).
Моето мислење е дека треба да се осврнеме на наш селектор. Македонец, кој го знае менталитетот на нашите играчи, човек кој ќе го следи нашето првенство, бидејќи сепак и кај нас се надевам дека во догледно време ќе имаме доста квалитетни играчи, можеби некои од нив ќе бидат дел од репрезентацијата. Нам ни е потребен и искусен човек кој ќе знае да ја врати атмосферата во репрезентацијата, бидејќи знаеме дека не е тоа, тоа што беше.
Тони Мицевски, повеќегодишен капитен на националниот тим.

На Арената Филип Втори во Скопје, вечерва од 20.30 часот, националниот тим ќе го води единствениот Македонец со 100 настапи во црвено - жолтиот дрес, Гоце Седлоски, а од ФФМ најавија дека наследникот на Тошак ќе биде познат за десетина дена. Тоа во јавноста повторно го отвори прашањето кому треба да му се довери водењето на националниот тим? Во медиумите веќе се појавија неколку имиња, но за разлика од претходно, сега општо е мислењето дека не ни треба селектор странец.

Џон Тошак.


„Моето мислење е дека треба да се осврнеме на наш селектор. Македонец, кој го знае менталитетот на нашите играчи, човек кој ќе го следи нашето првенство, бидејќи сепак и кај нас се надевам дека во догледно време ќе имаме доста квалитетни играчи, можеби некои од нив ќе бидат дел од репрезентацијата. Нам ни е потребен и искусен човек кој ќе знае да ја врати атмосферата во репрезентацијата, бидејќи знаеме дека не е тоа, тоа што беше“, изјави Тони Мицевски, повеќегодишен капитен на националниот тим, за кого одигра 50-ина натпревари.
Мора да се преориентираме на наши кадри. Имаме сили, имаме тренери што работат во странство или да се даде шанса на помладите тренери. Дали би работеле самостојно, или би биле во тандем двајца бивши репрезентативци, кои се млади, кои дале многу за македонскиот фудбал, кои ги знаат приликите, ја знаат атмосферата во соблекувалната, ги познаваат играчите што сега моментално играат. Значи би биле авторитет за сите и би работеле независно, во интерес на фудбалот, а не во интерес на лоби групи околу репрезентацијата, како што беше досега.
Саша Илиќ, поранешен репрезентативен голман.

Слично размислува и поранешниот голман во дресот со државниот грб, Саша Илиќ. Според него на прво место треба да биде квалитетот на тренерот, но имајќи предвид дека квалитетните странци чинат и по неколку милиони евра, таа варијанта отпаѓа.

„Мора да се преориентираме на наши кадри. Имаме сили, имаме тренери што работат во странство или да се даде шанса на помладите тренери. Дали би работеле самостојно, или би биле во тандем двајца бивши репрезентативци, кои се млади, кои дале многу за македонскиот фудбал, кои ги знаат приликите, ја знаат атмосферата во соблекувалната, ги познаваат играчите што сега моментално играат. Значи би биле авторитет за сите и би работеле независно, во интерес на фудбалот, а не во интерес на лоби групи околу репрезентацијата, како што беше досега“, рече Илиќ.

Покрај ова, нашите соговорници истакнуваат и дека кој и да биде селектор, треба да добие максимална поддршка од сите во Македонија, а не од него да се бара пласман на Светско или Европско првенство. Тоа во моментов не е реално, а нема да биде ни во блиска иднина, односно се додека немаме план и програма и пред се услови за работа.

„Инфраструктурата ни е на едно катастрофално ниво. Немаме стадиони, немаме терени, немаме каде да ги обучуваме младите генерации и од таму ние и немаме ни фудбалска репрезентација. Значи, треба да се обрне поголемо внимание на младите деца кои уште од сега треба да ги подготвуваме за наредните 6-7 години, или можеби и повеќе, за да напредуваат како големи фудбалски имиња, и на тој начин ќе можеме да бараме некој резултат“, додаде Мицевски.

Инаку во изминатите две децении на клупата на македонската фудбалска репрезентација беа 10 селектори од кои седум Македонци (Дончевски, Хаџиевски, Канатларовски, Јовановски, Илиевски, Бабунски и Јонуз) и тројца странци - Слободан Сантрач, Сречко Катанец и Џон Тошак.