Светот пред нова криза со храна

Суша од историски размери предизвика пустош врз посевите со житарици во Соединетите Држави. Но, по се изгледа, од тоа нема да бидат погодени само американските фармери. Деструктивното суво време може да прерасне во глобален проблем.
Во ова време на летото, стеблата на пченката би требало да бидат високи колку фармерот, а не до неговите колена. Но, ова лето во Соединетите држави не е нормално, пишува нашиот дописник Ричард Солаш, наведувајќи дека станува збор за најголема суша во земјата во изминативе 50 години.
Ништо не може да ги урне владите толку бргу како изгладнетите луѓе.
Роберт Томсон, поранешен директор за земјоделство во Светската банка.

Тоа, според прогнозите на Одделот за земјоделство, ќе ги зголеми цените на храната за најмалку 3 до 4 проценти и тоа не само во Америка.

„Ова е суша која се случува еднаш до двапати во векот и е потешка од очекуваното. Таа е огромна ако се има предвид светскиот пазар на пченката и сојата“, вели Роберт Томсон, поранешен директор за земјоделство во Светската банка, додавајќи дека Соединетите држави се најголеми произведувачи на овие две култури во светот.

Според Светската банка, глобалните цени на пченката и на пченицата од средината на јуни пораснаа за повеќе од 50 насто, додека на сојата за 30 проценти.

Како објаснување за тоа, освен сушата во Америка, се наведуваат и слабите врнежи во Русија, Украина и Казахстан, како и изобилните дождови во поголемиот дел на Европа.

Сегашниот тренд ги врати сеќавањата од минатата година кога покачувањето на цените на храната помогна за поттикнување на народните востанија низ Арапскиот свет.

„Ништо не може да ги урне владите толку бргу како изгладнетите луѓе“, вели Томсон.

Високите цени и можниот недостиг го кренаа алармот и кај хуманитарните организации.

„Ние ќе треба да потрошиме повеќе за да купиме храна за гладните. Доколку храната поскапи за 10 насто тоа значи дека ние годишно ќе треба да одвоиме уште 200 милиони долари за да обезбедиме исто количество храна како и лани. Од друга страна скапата храна предизвикува се повеќе луѓе да имаат потреба од помош“, наведува Рене Мекгафин портпарол на Светската програма за храна при Обединетите нации.

Целосните ефекти од американската суша врз цените на храната во светот ќе се знаат за неколку месеци.

Но, според експертите, едно е сигурно, кризите со храна почнаа да се јавуваат се почесто.