Големи коалиции за партиски интереси

Проблем на големите коалиции е тоа што се создаваат само поради лична корист, а не поради идеолошка сродност или слични програмски определби, велат експертите.
Предизборни соработки, можни коалиции, прегрупирање на партиите, отворени врати за окрупнување на опозицијата во намерата да се победи власта. За аналитичарите, ваквата раздвиженост на политичката сцена е вообичаена пред избори.
Некои од помалите партии ќе се приклучат кон ДУИ, а некои најверојатно кон ДПА. Нема да се разговара многу за тоа кој какви програми има, туку како да се победи.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

Откако се официјализираше предизборната соработка Тачи-Црвенковски, сега е раздвижено во албанскиот политички блок. Се упатуваат отворени повици до помалите партии да се спојат со поголемите за да се искористи дури и најмалата шанса за подобар изборен успех. Аналитичарот Исмет Рамадани вели дека главен приоритет на ваквите коалиции е победа на актуелната власт, а не нудење програмски решенија.
Сепак се работи за договор на лидери на партии, а пост фестум се информира и се убедува членството дека тоа ќе биде чекор напред. Кај нас главно усогласувањата се врзани за пазар, за ветувања, за меѓусебни отстапки кои пак се врзани само за конкретните потреби на заедницата.
Гордана Силјановска, универзитетски професор.

„Некои од помалите партии ќе се приклучат кон ДУИ, а некои најверојатно кон ДПА. Нема да се разговара многу за тоа кој какви програми има, туку како да се победи.“

Меѓусебните коалиции на партиите на малите заедници, но и нивното коалицирање со партии од македонскиот политички блок не се ништо ново, вели универзитетската професорка Гордана Силјановска. Но според неа, проблемот на таквите коалиции е тоа што истите се создаваат само поради лична корист, а не поради идеолошката сродност или сличните програмски определби.

„Вистинско коалицирање би било кога партиите би настапиле со заедничка советничка листа или кога би поддржале заеднички кандидат за градоначалник.“

Ако партиите кои ќе се одлучат да влезат во коалиција немаат ништо заедничко во програмата, тоа значи дека таквото коалицирање е персонално, вели Силјановска.

„Сепак се работи за договор на лидери на партии, а пост фестум се информира и се убедува членството дека тоа ќе биде чекор напред. Кај нас главно усогласувањата се врзани за пазар, за ветувања, за меѓусебни отстапки кои пак се врзани само за конкретните потреби на заедницата.“

Дали ваквото коалицирање на партиите кои не се сродни и кои не ги споила одредена платформа за соработка ќе има влијание врз гласачите? Рамадани вели дека идеолошката определба на коалициите скоро и да нема влијание врз локалните избори.

„Сите тие луѓе кои ќе бидат на тие листи, најверојатно партиите ќе најдат луѓе од кои може да профитираат во однос на тоа што значи собирање на гласови.“

Независно од тоа дали коалицираат партии од македонскиот или албанскиот политички блок или партии и од едниот и од другиот блок, експертите заклучуваат дека личниот интерес, а не нудењето конкретни решенија за проблемите на граѓаните, ќе биде пресуден за нивно окрупнување на политичката сцена.