Во Македонија генерално се почитуваат верските слободи

Македонската влада во практика генерално ги почитува верските слободи. Ова, меѓу другото, се наведува во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент во кој главно се оценува дека и минатата година во светот владеела верска нетолеранција.
Уставот, законите, но и актуелната политика ги штитат верските слободи во Македонија, се оценува во извештајот на Стејт департментот во кој се додава дека во минатата година владата не демонстрирала ниту тренд кон подобрување, ниту кон влошување во врска со ова прашање.

Посебно е итно тоа што ги истакнуваме верските слободи, бидејќи кога ја гледаме глобалната слика и се прашуваме дали тие се шират или се намалуваат одговорот е отрезнувачки: повеќе од милијарда луѓе живеат под влади кои систематски ги потиснуваат верските слободи.
Хилари Клинтон, американска државна секретарка.
Во извештајот се регистрира и тоа дека некои верски заедници се жалат оти владата селективно го применувала законот за нивна регистрација и оти имало извештаи за дискриминација врз верска основа. Исто така се додава дека припадници на Православната охридска архиепископија се жалеле оти биле малтретирани од некои медуми и изложени на несоодветен владин мониторинг.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон.


Што се однесува до другите земји од поранешна Југославија, Стејт департментот оценува дека сите главно ги почитуваат верските слободи, освен Србија, бидејќи нејзиниот Устав ги ограничува, а владата не прави ништо за подобрување на ситуацијата.

За Косово се констатира дека имало случаи на дискриминација врз верска основа, а во врска со Црна Гора се спомнуваат тензиите меѓу Српската и Црногорската православна црква.
Русија и Узбекистан се повикуваат на националната безбедност како изговор за ограничување на правата на некои мирољубиви верски групи. Други влади, пак, вклучувајќи ги оние на Белорусија, Унгарија и на некои земји во Централна Азија имаат строги закони што ја отежнуваат нивната регистрација.
Сјузан Џонсон Кук, амбасадорка за меѓународни верски слободи.

Презентирајќи го извештајот, американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека светот назадува во врска со ова човеково право кое, како што рече, е клучна основа на едно мирно општество.

„Посебно е итно тоа што ги истакнуваме верските слободи, бидејќи кога ја гледаме глобалната слика и се прашуваме дали тие се шират или се намалуваат одговорот е отрезнувачки: повеќе од милијарда луѓе живеат под влади кои систематски ги потиснуваат верските слободи“, изјави Клинтон која верската слобода ја спореди со сигуроносен вентил што им дозволува на луѓето да ги канализираат нивните фрустрации.

Во најновиот извештај се констатира дека владите во земјите како Бахреин, Ирак, Узбекистан и Русија ги ограничуваат верските слободи со што придонесуваат за социјална нетолеранција.

„Русија и Узбекистан се повикуваат на националната безбедност како изговор за ограничување на правата на некои мирољубиви верски групи. Други влади, пак, вклучувајќи ги оние на Белорусија, Унгарија и на некои земји во Централна Азија имаат строги закони што ја отежнуваат нивната регистрација“, изјави амбасадорката за меѓународни верски слободи Сјузан Џонсон Кук.

И во овој извештај како земји кои хронично и систематски не ги почитуваат верските слободи се посочуваат Кина, Иран, Северна Кореа и Саудиска Арабија, како и Авганистан и Пакистан.

Исто така се забележува и глобалното зголемување на антисемитизмот и нетолеранцијата против будистите и муслиманите ујгури.