Хаос во Охридското Езеро

Капетанија без капетан, плажи без спасувачи, скутери меѓу капачите. Ќе се среди ли хаосот во Охридското Езеро пред да биде доцна?
Охридската капетанија речиси два месеци е без капетан. Претходниот го однесе новиот бран на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме вистински хаос се случува долж целото Охридско Езеро. За само два дена две несреќи во струшкиот дел кога скутер удри две деца, девојче на единаесетгодишна возраст и 21-годишно момче. Беа повредени додека се капеле непосредно до самиот брег. И во двата случаи скутерџиите за миг ги снемало од местото на настанот. Нивниот идентитет сè уште не е познат.
Нивното движење пречи. Јас бев на плажа со децата. Не бев задоволен од она што го видов, доаѓаат премногу блиску. До самите туристи што се капат доаѓаат.
Анкетиран граѓанин.

Инаку од 20 јули стапува на сила забраната за возење скутери со моќност поголема од 45 киловати и на сила ќе биде до 20 август. Охриѓани и туристите бараат надлежните да го стопираат нивното дивеење низ езерото.

Миодраг Цекиќ, координатор на службата за спасување на вода во Охрид.


„Скутерите треба да се исклучат. Има луѓе што одат на плажа меѓу кои деца и не треба да се движат покрај брегот, треба подалеку. Пречат, да. Сите реагираат“, вели една охриѓанка.
37 плажи се, 37 места каде што се поставени шанкови, лежалки и други реквизити, но она што е најважно, безбедноста не е запазена онака како што треба според законот. Секоја година со истите плажи мака мачиме и ние и капетанија.
Сашо Точко, претседател на Црвен Крст - Охрид.

„Нивното движење пречи. Јас бев на плажа со децата. Не бев задоволен од она што го видов, доаѓаат премногу блиску. До самите туристи што се капат доаѓаат“, вели еден стружанец.

Од Министерството за транспорт и врски, пак, уверуваат дека Капетанијата на пристаништа функционира со полн капацитет и оти заедно со МВР, Езерската полиција врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи.

Туристите треба да внимаваат и на кои плажи одат на капење. Голем дел од плажите во Охрид и Струга сè уште се без спасувачи на вода иако тоа е нивна законска обврска согласно договорите за стопанисување со плажите.

Сашо Точко, претседател на Црвен Крст во Охрид, вели дека само 60 отсто од охридските плажи имаат спасители, додека во Струга само 4 од 9 плажи имаат спасувачи.

„37 плажи се, 37 места каде што се поставени шанкови, лежалки и други реквизити, но она што е најважно, безбедноста не е запазена онака како што треба според законот. Секоја година со истите плажи мака мачиме и ние и капетанија“, вели Точко.

Координаторот на спасувачките служби Миодраг Цекиќ вели дека е добро што поголема концентрација на капачи има на оние плажи каде тие се присутни.

„Координацијата ја правиме преку радио врски со тоа што самите луѓе веќе се навикнати на нашето присуство и во случај на некаков инцидент ги бараат спасителите па дури тоа да е и на соседната плажа. Посетителите сфатија дека на плажите каде има спасители е побезбедно да се капат“, вели Миодраг Цекиќ, координатор на службата за спасување на вода.

Досега се реализирани седум интервенции на вадење активни давеници и 70 интервенции на укажување прва помош. Од Црвен крст, со оглед на најавите за топло лето, очекуваат полни раце работа, но се надеваат дека нема да има ниту една жртва како и минато лето.