Требаат нови гранични премини во Преспа

Преспанското село Љубојно.

Жителите од македонскиот дел на Преспа, за да преминат на грчкиот, мораат да вртат преку Меџитлија.
Територијата на Преспанското Езеро ја дели Македонија со Грција и Албанија. Но, функционира само еден граничен премин од нашата земја кон Албанија. Жителите од македонскиот дел на Преспа, за да преминат на грчкиот, мораат да вртат преку Меџитлија. Деновиве, трите градоначалници на пограничните општини, македонски Ресен, албански Пустец и грчка Преспа, потпишаа договор за подобрување на соработката и пограничната инфраструктура.
Ќе работиме за подобрување на инфраструктурата, за изградба на патишта. Тоа и ланската година го започнавме со асфалтирањето на патниот правец Макази-Маркова Нога. Сето тоа е предуслов за отворање нови гранични премини со што ќе се подобри комуникацијата меѓу жителите од трите општини.
Михаил Волкановски, градоначалник на Ресен.

„Ќе работиме за подобрување на инфраструктурата, за изградба на патишта. Тоа и ланската година го започнавме со асфалтирањето на патниот правец Макази-Маркова Нога. Сето тоа е предуслов за отворање нови гранични премини со што ќе се подобри комуникацијата меѓу жителите од трите општини“, изјави Михаил Волкановски, градоначалник на Ресен.

Средба на премиерите на Македонија, Грција и Албанија Никола Груевски, Јоргос Папандреу и Сали Бериша во Преспа на 27 ноември 2009 година.


Граничниот премин Маркова Нога на брегот на Преспанското Езеро помеѓу Македонија и Грција е затворан цели 45 години. Преспанци од последното погранично село Долно Дупени, оддалечено на еден километар од Герман на грчка територија треба да вратат 80 километри преку Битола и Лерин за да ги посетат роднините и пријателите од другата страна на границата.

Ваисиол Цефас, градоначалник на Преспа од Грција, смета дека е потребна заедничка заложба за решавање на проблемот.

„Оваа одлука е значајна за подобрување на комуникацијата и условите за живеење на жителите од сите три општини. Ние сме жители околу едно езеро, каде постојат три нации, но го дишеме истиот воздух. Ќе мора да продолжиме понатаму со овие напори за да можеме да успееме во нашите планови“, вели Цефас.

Уште во 2000 година претставници на трите влади потпишаа договор за заедничка соработка во пограничниот регион, но досега не е направено многу. Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко вели:

„Потпишувањето на овој меморандум нема да остане само на хартија туку ќе се притисни до централните власти во државите каде живееме за да може повеќе да се обрати внимание во реонот на Преспа да се подобри што повеќе инфраструктурата.“