Решени недоразбирањата со ЕУ?

Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи и евроамбасадорот Аиво Орав на 14 март 2012 во Скопје.

Евроамбасадорот Аиво Орав задоволен од пристапниот дијалог на високо ниво. За променетата реторика на ЕУ кон владата, тој вели дека минатата година имало некои недоразбирања, но дека владата многу сериозно ја сфатила новата динамика што и е дадена на земјата.
Со новиот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија, како и со силната обврзаност на двете страни, сe создава доволно оптимизам со што шансите земјава оваа година да ја загуби препораката за преговори се намалуваат. Ова го изјави евроамбасадорот Аиво Орав, во интервју за Радио Слободна Европа што ќе се емитува в недела. Тој изјави дека сега гледа силна посветеност и се надева дека сите ветувања на владата ќе бидат имплементирани онака како што се договорила со Европската комисија.
Имаше некои недоразбирања минатата година и најверојатно тоа е причината зошто произлегоа такви изјави. Сега и двете страни повторно ги разгледаа малку своите позиции, разговараа за тоа што е погрешно, што треба да се направи потоа и доколку сега гледаме од малку историски аспект што тргна лошо, мислам дека ништо не се случи. Мислам дека владата ја сфати многу сериозно оваа нова динамика што и е дадена на земјата, исто така и опозицијата и невладините организации.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Минатата година еврокомесарот за проширување Штефан Филе изјави дека постои опасност земјава да ја загуби препораката за преговори со Унијата доколку владата не се посвети целосно на реформите. За промената на реториката Орав вели дека имало некакви недоразбирања.

Средба на премиерот Никола Груевски со евроамбасадорот Аиво Орав на 13 март 2012 година.


„Имаше некои недоразбирања минатата година и најверојатно тоа е причината зошто произлегоа такви изјави. Сега и двете страни повторно ги разгледаа малку своите позиции, разговараа за тоа што е погрешно, што треба да се направи потоа и доколку сега гледаме од малку историски аспект што тргна лошо, мислам дека ништо не се случи. Мислам дека владата ја сфати многу сериозно оваа нова динамика што и е дадена на земјата, исто така и опозицијата и невладините организации.“

Првите резултати од претпристапниот дијалог треба да бидат веќе готови на почетокот на следниот месец, затоа што дел од крајните рокови во патоказот се на 30 јуни.
Мислам дека Европската унија во принцип е задоволна од сработеното досега.
Теута Арифи, вицепремиер за евроинтеграции.

Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи вели дека наскоро ќе го достават извештајот за сработеното од патоказот. Дел од обврските им се да известат што направиле во делот на слободата на медиумите и да преведат 70 судски пресуди од Стразбур.

„Мислам дека ќе се оцениме во периодот јуни и септември најмногу, секако ќе известуваме и по сите други точки на извештајот, но политички гледано овие точки ќе бидат главните точки по кои ќе бидеме оценети и мислам дека Европската унија во принцип е задоволна од сработеното досега.“

Од друга страна, пак, опозицијата смета дека нема место за оптимизам дека задачите ќе бидат целосно исполнети и нивното имплементирање ќе го подобри животот на граѓаните и ќе им ги реши суштинските проблеми.

Потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев вели дека ако судиме по последниот договор меѓу Владата и ЗНМ, за кој луѓето од еснафот се пожалија дека претставува легализација на цензурата, тогаш ќе се оствари површната цел, но суштинските проблеми нема да се решат.

„Суштината зависи од политичката волја, пред се од политичката волја на власта во Република Македонија. Очигледно е дека Европската комисија, комесарот за проширување во описот и пописот на неговото работно место стои проширување, тие имаат политичка волја Македонија да напредува, но владата не покажа такво нешто и јас се надевам, искрено се надевам дека нема преку вакви техничко-техницистички детали да направат бајпас на суштината, а тоа е решавање на проблемите на граѓаните, ако продолжат во таа насока, тогаш нема да има ефект.“

Тој додава дека на површно ниво не гледа од каде толку оптимизам, освен ако имаат некои информации кои не ги знае јавноста и опозицијата.