Андов - Може да почне лустрациска хајка

Идејата за лустрација е компромитирана, вели Стојан Андов и додава дека новиот закон ќе доведе до политички пресметки.
Новиот закон за лустрација може да прерасне во општа хајка, реагира пензионираниот пратеник Стојан Андов, кој беше предлагач на првиот закон за лустрација од 2008 година. Тој најмногу забележува на тоа што за законот не е постигнат консензус меѓу сите политички партии, за да се спречи тој да стане оружје на владејачката партија против опозицијата. Првиот закон за лустрација имаше цел да ги спречи соработниците на тајните служби што ги кршеле човековите права и слободи повторно да дојдат на функција, вели Андов и прашува која е целта на овој закон.
Сега ова е нешто друго, ова може да прерасне во општа хајка. Мислам дека ќе се сврти работата, луѓето ќе се окупираат со други работи. Компромитирана е идејата за лустрација, ова ќе бидат политички пресметки, а не лустрација.
Стојан Андов, поранешен пратеник.

„Сега ова е нешто друго, ова може да прерасне во општа хајка. Мислам дека ќе се сврти работата, луѓето ќе се окупираат со други работи. Компромитирана е идејата за лустрација, ова ќе бидат политички пресметки, а не лустрација“, вели Андов.

Забелешки на законот има и универзитетскиот професор Осман Кадриу. Спорни се опфатот и периодот на кој се однесува лустрацијата, вели тој.

„Требаше да се донесе и сум на мислење дека треба да се донесе закон. По однос на конкретните решенија и јас како правник изразувам резерва дека таквите решенија сигурно ќе бидат проблематични за кои сигурно со тек на времето и пред комисијата и пред другите органи ќе наидуваат на неодобрување, а посебно пред Уставниот суд“, вели Кадриу.
Требаше да се донесе и сум на мислење дека треба да се донесе закон. По однос на конкретните решенија и јас како правник изразувам резерва дека таквите решенија сигурно ќе бидат проблематични за кои сигурно со тек на времето и пред комисијата и пред другите органи ќе наидуваат на неодобрување, а посебно пред Уставниот суд.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Андов, пак, вели дека за време на изготвувањето на првиот закон се разгледувале и други модели на лустрација, како на пример да нема санкции за кодошите, туку само да се објават сите досиеја на соработниците на тајните служби, но се откажале од таа намера, затоа што тоа можело да и нанесе штета на соработничката мрежа на службите и додава дека системот во Југославија, односно во Македонија, се разликувал од тој во останатите земји од источниот блок.

Собраниското мнозинство вчера го изгласа новиот закон, со кој освен сите раководни лица со посебни должности и овластувања, ќе се лустрираат и бизнисмените што стекнале над пет отсто од државните фирми со приватизацијата за време на транзицијата. Имињата на кодошите ќе бидат јавно објавени на интернет страницата на комисијата за лустрација, која е предвидено да го опфати периодот од 1944 до 2006 година, односно до стапувањето во сила на законот за слободен пристап до информации.

Коалицијата на опозицискиот СДСМ ја напушти седницата на која се расправаше за законот. Тие обвинуваат дека решението е противуставно и ќе се користи за политичка пресметка со неистомислениците. Пратениците од ДПА, пак, гласаа за законот, иако сметаат дека тој нема да доведе до вистинска лустрација, туку ќе се користи за уцени. Власта смета дека ова решение води кон идеолошко помирување и расчистување на дилемите за тоа, дали некој, со кодошење, наместо со квалитет, напредувал во кариерата или се богател.