Дебарско Поле се наводнува со фекалии

Дебарско Поле се наводнува со фекална вода, па производите што се произведуваат се загадени. Невладините обвинуваат дека на проблемот се мисли само за време на избори, а потоа се заборава.
Дел од Дебарското Поле се наводнува со води кои доаѓаат од фекалната канализација на градот, а земјоделските површини на кои се произведуваат сите земјоделски култури се загадени. Ова го тврдат надлежни институции и невладини организации. Проблемот е присутен повеќе години, но до сега не е решен.
Ние ги имаме информирано надлежните локални институции и Министерството за земјоделие за овој проблем, за загаденото земјоделско земјиште. На ова земјиште се произведуваат сите градинарски, фуражни и житни култури. Имаме резултати од институциите дека земјиштето е загадено.
Даут Думани, граѓанска организација „Чиста вода - здрава храна“.

Невладиниот сектор повторно презеде активности за да го посочи проблемот како мошне опасен за здравјето на луѓето, бидејќи земјоделските производи произведени на проблематичните површини се пласираат на дебарскиот зелен пазар.

„Ние ги имаме информирано надлежните локални институции и Министерството за земјоделие за овој проблем, за загаденото земјоделско земјиште. Станува збор за околу 300 хектари првокласно земјоделско земјиште кое ги опфаќа површините меѓу реката Црн Дрим до градот и до пограничните селски населби Спас и Селокуќи. Загадувањето е преку водите на Ваковска и Ситничка Река во кои се влеваат води од фекалната канализација. На ова земјиште се произведуваат сите градинарски, фуражни и житни култури. Имаме резултати од институциите дека земјиштето е загадено“, истакнува претседателот на граѓанската организација „Чиста вода - здрава храна“ од Дебар, Даут Думани.
Се предвидува изградба на две пречистителни станици во локалитетите Чешмица и Трапи Дацит. Со овој зафат тие води ќе можат да се користат за наводнување на земјоделските површини.
Газманд Цами, Одделение за урбанизам во Дебар.

Според него, за решавање на проблемот се говори само за време на предизборните активности.

„Кога има избори сите говорат дека проблемот ќе го решат, но по добивањето на гласовите решенија нема“, вели Думани.

Општина Дебар има проект за решавање на проблемот со фекалните води. Газманд Цами од одделението за урбанизам при локалната власт во Дебар вели дека проектот целосно ќе го реши овој проблем.

„Во врска со решавањето на проблемот со отпадните фекални води на град Дебар се предвидува изградба на две пречистителни станици во локалитетите Чешмица и Трапи Дацит. Со овој зафат тие води ќе можат да се користат за наводнување на земјоделските површини“, нагласува Цами.

Сепак, до решавањето на овој проблем со наводнувањето на дел од Дебарско Поле со фекални води, населението ќе продолжи да консумира земјоделски производи, произведени на загадени површини.