Како политичарите во ЕУ можат да учат од фудбалот

Секој еврократ кој размислува за подобрување на имиџот на ЕУ мора да го гледа Европското фудбалско првенство во Полска и Украина, наведува весникот Фајненшнал тајмс во текстот во кој констатира дека во фудбалот, за разлика од економијата, периферните европски земји влијаат врз оние во центарот.
Со децении фудбалските награди одеа кај основачите на она што сега прерасна во ЕУ: Германија, Франција, Италија и Холандија, констатира Фајненшнал тајмс, додавјаќи дека земјите од европската периферија имаат свои автохтони стилови на игра: Британците шутираат набрзина, Грците дриблаат премногу, а Шпанците се фуриозни.
Имаме германски тренер и играме како Германци.
Ангелос Харистеас, фудбалер.

Но, тие фудбалското знаење го увезоа од центарот. Англија ангажираше многу тренери од таму, а во 2004 година Грција стана првата земја од периферијата која стана европски шампион под германскиот селектор Ото Рехангел. Репрезентативецот Ангелос Харистеас тогаш изјави:

„Имаме германски тренер и играме како Германци.“
Холандскиот пат до светската титула беше блокиран од поавтентичната верзија на нив самите. Сега Шпанија игра холандски фудбал.
Дејвид Винер, фудбалски стручњак.

Шпанците станаа светски и европски прваци, играјќи фудбал инспириран од Холанѓаните. За Светското првенство пред две години, експертот Дејвид Винер во неговата книга напиша:

„Холандскиот пат до светската титула беше блокиран од поавтентичната верзија на нив самите. Сега Шпанија игра холандски фудбал.“

Трансферот на знаењето од центарот кон периферијата продолжи и на ЕУРО 2012. Ирска има италијански тренер, Русија холандски, додека Англија го одбра Рој Хоџсон, но по повеќедецениско континентално искуство. Како и да е сега, трансферот оди во обратна насока: Германците учат од Шпанците, што ретко се случува со менаџирањето на економијата.

Фудбалот ја достигна мобилноста на трудот потребна во еврозоната

Многумина фудбалери играат за клубови во странство, бидејќи фудбалот е скоро единствениот сектор во Европа кој ја достигна мобилноста на трудот што и е толку потребен на еврозоната. Задолжениот за економија во ЕУ, Оли Рен кој едновреме раководеше со финската фудбалска лига мора на ова да гледа со љубомора. Европските фудбалери се светска класа, добро платени и уживаат во хармонични работни односи. Многумина се среќни синови на имигранти. Германскиот мултикултурализам функционира во фудбалот. Па не е ни чудо што останатиот свет тоа го гледа. Кевин Алавеј, директор на агенцијата која го следи телевизиското расположение вели:

„ТВ публика на Европските фудбалски првенства порасна во неевропските пазари, најмногу во Кина, Соединетите Држави, Бразил, Јужна Африка и Мексико.“

Сега за прв пат од 1976 година, првенството отиде на исток. Една од земјите домаќини, Полска е реклама за европското проширување. Тоа не е случај и со Украина која германскиот канцелар Ангела Меркел ја означи како диктаторска. Капитенот на германската фудбалска репрезентација Филип Лам вели:

„Ако Германците стигнат до финалето во Киев и претседателот Виктор Јанукович застане пред мене, сериозно се двоумам дали да се ракувам со него. Не можам да ги поврзам моите идеи за демократија и слобода на изразување со украинската политика ситуација.“

Како и да е, Европјаните би требало да уживаат во нивната фудбалска надмоќност додека таа им трае. Другите земји како Соединетите Држави и Јапонија брзо го копираат европското знаење, се наведува во текстот на Фајненшал тајмс.