Ахмети меѓу евроинтеграциите и желбата за власт

Свеченост по повод 10 години од основањето на ДУИ, вторник, 12 јуни 2012.

Ахмети порача дека членството на Македонија во НАТО и ЕУ треба да биде надпартиско и суштинско за кое вреди да се плати голема лична и партиска цена.
Уште еднаш во свој стил, неизбежно, но добро политички спакувано, лидерот на партијата која го застапува албанскиот електорат во Владата испрати порака на извесен притисок до својот коалициски партнер во врска со членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Тие веќе се профилирани како една партија, а од друга страна тоа им штети бидејќи го губат својот лик како политичка структура, во однос на нивниот коалиционен партнер кој тој лик се повеќе го зајакнува и го гради. Во еден момент Ахмети ќе мора да се позиционира во однос на односите со нивниот коалиционен партнер, по одредени прашања на многу појаки позиции отколку што е сега.
Артан Садику, аналитичар.
Али Ахмети во своето обраќање по повод десетгодишнината од ДУИ на чие одбележување присуствуваше и Груевски порача дека ова прашање е надпартиско и суштинско за кое вреди да се плати голема лична и партиска цена.

Јасно е, велат аналитичарите, дека продолжуваат пораките кои ДУИ ги испраќа веќе подолго време, некогаш многу внимателно, а некогаш директно, но никогаш преку линијата во чии рамки го има димензионирано својот прагматичен маневарски простор да каже тоа што мора а да не биде лошо разбран, анализираат експертите.

„Тие веќе се профилирани како една партија, а од друга страна тоа им штети бидејќи го губат својот лик како политичка структура, во однос на нивниот коалиционен партнер кој тој лик се повеќе го зајакнува и го гради. Во еден момент Ахмети ќе мора да се позиционира во однос на односите со нивниот коалиционен партнер, по одредени прашања на многу појаки позиции отколку што е сега“, вели аналитичарот Артан Садику.
Привлечна е власта, кога си во власта имаш повеќе можност да покажеш нешто, да го освоиш електоратот и за следните избори и затоа не излегуваат. Но, причината е и што странците им вршат притисок да не се дестабилизира земјата.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.

Во овој момент ДУИ не се наоѓа во поволна позиција да го направи тоа, анализираат експертите. Секој понатамошен потег како што би бил и напуштање на власта е ризик по политичката стабилност во земјата кој не го дозволува ниту меѓународната заедница, анализира професор Мирјана Малеска.

„Привлечна е власта, кога си во власта имаш повеќе можност да покажеш нешто, да го освоиш електоратот и за следните избори и затоа не излегуваат. Но, причината е и што странците им вршат притисок да не се дестабилизира земјата.“

Од друга страна, градењето на посилна позиција во врска со членството во меѓународните организации би ја довел ДУИ во многу непожелна позиција да заземе потврд и јасен став во врска со спорот за името од кој директно зависта интеграциите.

„Токму поради фактот на градење на појака позиција во однос на интеграциите од страна на ДУИ, би ги однела нив во тоа ќоше од каде ќе треба да се залагаат за промена на името, а тоа воопшто не е пожелна позиција во Македонија засега“, додава Садику.

Тивки недоразбирања меѓу коалиционите партнери во владата постојат од самиот почеток на нивното заедничко формирање на владата, но никогаш тие не прераснаа во повеќе од тоа поради што од опозицискиот блок се погласни се обвинувањата дека политиката ни риба ни девојка им штети само на интересите на Албанците.