Деби албум на „Дуо Скупи“

Членовите на „Дуо Скупи“, флејтистката Јета Старова Мехмети и виолинистот и аранжер Ермал Мехмети.

Со концерт „Дуо Скупи“ деновиве го промовираше својот деби албум на кој се документирани нивните обработки на главно албански народни песни.
Авторски нумери на Агим Крајка, Пренг Јакова и Тиш Даија и шест традиционални албански напеви поминати низ сензибилитетот, умешноста и енергијата на уметници како што се флејтистката Јета Старова Мехмети и нејзиниот животен сопатник, виолинист и аранжер Ермал Мехмети, се поместени на деби албумот на „Дуо Скупи“ чија концертна промоција започна деновиве.
Ако сакаме нешто да му покажеме на светот, тоа го прават сите, па еве и ние, да му го покажеме тоа изворното, тоа старото, народното.
Ермал Мехмети, музичар.

Членовите на „Дуо Скупи“, флејтистката Јета Старова Мехмети и виолинистот и аранжер Ермал Мехмети.

Станува збор за издание на „Пасворд продукција“ и објава која претставува сведоштво не само за потенцијалот на овие врвни инструменталисти, туку уште повеќе за нивната потреба со чествувањето на сопствениот музички јазик да ја исцртаат и траекторијата на вкрстување со сродните регионални и пошироко со големото светско звуковно наследство.
Нашата мисија, ако имаме некаква мисија со ова дуо, со овој бенд, тоа е љубовната мисија и токму тоа јас и планирам да го правам во иднина, програмата да ја комбинирам, да речеме и од македонските народни песни и од албанските, па и од другите народи, зошто да не?
Ермал Мехмети, музичар.

М-р Ермал Мехмети вели дека се решиле на овој чекор затоа што едноставно сакале да слезат до корените и на слушателот да му дарат дел од магијата што најчесто останува скриена.

„Ако сакаме нешто да му покажеме на светот, тоа го прават сите, па еве и ние, да му го покажеме тоа изворното, тоа старото, народното.“

Тој дополнува дека песни има многу, но дека притоа тие ги бираат за обработка оние кои најмногу ќе му прилегаат на „Дуо Скупи“, на регистарот на инструментариумот, на звукот и на атмосферата што како уметници сакаат да ја креираат.

„Нашата мисија, ако имаме некаква мисија со ова дуо, со овој бенд, тоа е љубовната мисија и токму тоа јас и планирам да го правам во иднина, програмата да ја комбинирам, да речеме и од македонските народни песни и од албанските, па и од другите народи, зошто да не?“

„Дуо Скупи“ е формирано во 2006 година и досега има успешно реализирано голем број настапи на значајни фестивали и културни манифестации во Македонија, во Европа и во САД. Освен поединечните награди, уметниците се добитници на големото признание „Истакнати музичари“ на натпреварот во Рагуса, Италија и на едно од најзначајните одличја во земјава, Наградата за хумани и музички активности „Мајка Тереза“.

Нивната програма опфаќа и дела од барокот, преку класиката до современи композитори, а со концептот во кој посегаат по традиционалните песни промотивните активности ќе ги продолжат со серија настапи во земјава и во странство.

„Имаме закажано во Бугарија во неколку градови, во Франција и во Холандија. Нема да биде класична промоција на цеде, туку концерт по повод цедето“, забележува Јета Старова Мехмети.

Инаку, „Дуо Скупи“ веќе работи на материјалите за следната објава, а Ермал кој своевремено беше еден од клучните членови на скопскиот состав „Бла, бла, бла“, дополнува дека искуството од работата во тој бенд ќе го искористи во креирањето на новата звуковна понуда со авторска музика што по многу нешта ќе се разликува од актуелното деби издание.

„Практично оваа музика ќе се претопи во една модерна, позвучна музика што ќе биде поддржана и од електронски звуци. Самата музика тоа што ќе го бара тоа ќе и биде дадено, јас сум практично само тој кој работи за музиката.“