Стејт Департментот во последниот извештај забележува дека македонската влада лани не успеала во целост да го одржи владеењето на правото
Американскиот Стејт Департмент изразува загриженост за состојбата со човековите права, владеењето на правото, корупцијата како и дискриминацијата во неколку балкански земји во 2011 година.
МАКЕДОНИЈА: ВЛАСТА СЕ МЕША ВО СУДСТВОТО И МЕДИУМИТЕ
Стејт департментот смета дека во 2011 година основен проблем во поглед на човековите права во Македонијна бил владиниот неуспех за целосно почитување на владеењето на правото. Во документот, кој беше објавен денеска, се наведува дека владата е виновна за „мешање во судството и медиумите, селективно кривично гонење на политички противници на лидерите во земјата и значајни нивоа на владина корупција и неказнетост на полицијата“. Во извештајот се забележуваат и тензиите меѓу Македонците и Албанците, како и дискриминација на Ромите, и други етнички и религиозни заедници. Како области за кои и понатаму постои загриженост се споменуваат семејното насилство и дискриминација на жените. Документот ја опишува Македонија како „извор, дестинација и транзит земја за трговија со мажи жени и деца за секс и принудна работа“.
ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА КОСОВО
Преку извештајот се изразува сериозна загриженост за минатогодишната состојба со човековите права во Косово. Во документот се наведува дека етничките Срби користеле насилство и заплашување против другите жители и меѓународните безбедносни сили, што резултирало во инциденти со трагични последици. Во документот се забележува и на дискриминацијата на етничките и другитѕе малцинства во Косово, како лицата со посебни потреби и припадниците на хомосексуалната заедница. Забелешки има и за домашното насилство меѓу жителите во земјата. Се споменуваат и случаи на малтретирање на затвореници, неефикасност на судството, заплашување на медиумите од страна на власта како и корупција во владата.
СРБИЈА: ПРОБЛЕМ Е КОРУПЦИЈАТА НА ВЛАСТА
Забелешките за Србија за 2011 година се однесуваат на корупцијата во владините структури и дискриминација на малцинствата. Стејт департментот ги поздравува напорите на српската влада за кривично гонење на обвинети државни службеници. Во извештајот сепак се забележува дека биле превземани постапки само откако случаите биле јавно експонирани и се дополнува дека според многумина набљудувачи имало „бројни случаи на корупција лошо полициско однесување и други инциденти кои не биле пријавувани и не се казнувале“.
ВКОРЕНЕТИ ЕТНИЧКИ ПОДЕЛБИ ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
Стејт департментот смета дека земјата се соочувала со „длабоко вкоренети етнички поделби“ во 2011 година што, според извештајот, и понатаму претставува причинител за распространета дискриминација во секојдневието. Во документот се наведува дека малтретирањето на новинари и претставници на граѓанското општество и понатаму е главен проблем во Босна и Херцеговина а се забележува и на лошите услови во преполните затвори во земјата. Се споменуваат и корумпираност на власта како и дискриминација и насилство врз жени и припадници на сексуални и религиозни малцинства.
ЦРНА ГОРА: ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ТРЕТМАНОТ НА БЕГАЛЦИТЕ
Еден од најголемите проблеми во Црна Гора во поглед на човековите права минатата година, според американската институција, бил лошиот третман на бегалците и раселените лица од конфликтот во деведесетите години. Другите проблеми кои се споменати во извештајот се однесуваат на дискриминација врз основа на сексуална ориентација, религиозна определба како и етничка припадност и возраст. Корупцијата се споменува како сериозен проблем и покрај некои подобрувања кои резултирале од владините напори за борба со овој феномен. Забелешки се наведуваат и за независноста на судството, полицијата како и нападите на новинари.
МАКЕДОНИЈА: ВЛАСТА СЕ МЕША ВО СУДСТВОТО И МЕДИУМИТЕ
ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА КОСОВО
СРБИЈА: ПРОБЛЕМ Е КОРУПЦИЈАТА НА ВЛАСТА
ВКОРЕНЕТИ ЕТНИЧКИ ПОДЕЛБИ ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
ЦРНА ГОРА: ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ТРЕТМАНОТ НА БЕГАЛЦИТЕ