Достапни линкови

Дискриминација по секоја основа


Граѓански марш за толеранција низ улиците на Скопје на 16 ноември 2009.
Граѓански марш за толеранција низ улиците на Скопје на 16 ноември 2009.

Политичката припадност, социјалниот статус, нивото на образование, работното место или средината од која доаѓаат се само дел од причините за дискриминација.

Александар Пусески е средношколец, доаѓа од рурална средина, а во град живее околу 3 години. Вели не врз себе, но често е сведок на дискриминацијата на неговите врсници врз другите негови другари кои доаѓаат од селата. Ваквиот начин на однесување не ретко им ја одзема волјата за напредок на еден дел ученици, но сепак има и такви кои се упорни во напорите за да докажат дека им се нанесува неправда со овие стереотипи и предрасуди.
Има голем број ученици од селата, а исто така во училиштата учат ученици од градот. При тоа има некои навреди, се прави некоја дискриминација, за тоа дека тие доаѓаат од село, дека овие другите се од град, дека се нешто повеќе и така.
Александар Пусески, средношколец.

„Има голем број ученици од селата, а исто така во училиштата учат ученици од градот. При тоа има некои навреди, се прави некоја дискриминација, за тоа дека тие доаѓаат од село, дека овие другите се од град, дека се нешто повеќе и така“, вели Пусески.

Сведок на вакви стереотипи е и Дуан Сулејманоски. Вели дека е навистина многу тешко да се скршат предубедувањата на населението во однос на капацитетот и способностите на граѓаните од ромска националност, кои секогаш и по сите основи се дискриминирани во однос на оние од македонска националност.
Сега засега нема потреба од менување на законот за заштита од дискриминација, но имаме идентификувано одредени слабости од овој закон во рамки на прекршочните одредби, односно висината на глобите кои ги плаќаат дискриминаторите.
Томислав Ортаковски, член на собраниската комисија за борба против дискриминацијата.

„Јас сум бил сведок каде што конкретно, припадниците од ромската заедница се сметало дека не биле доволни интелигентни или не биле способни да се образуваат или да имаат достапност до некое кафуле или јавна институција, но тоа е знак на видлива дискриминација.“

Дискриминирани се и возрасните граѓани, не само учениците. Политичката припадност, социјалниот статус, нивото на образование и работното место, средината од каде што доаѓаат се премногу често причини за поделби на граѓаните, нивно маргинализирање и дискриминирање, понижување пред другите. Оние похрабрите кои не можат да ги издржат притисоците и кои се со борбен дух поднесуваат претставки до Канцеларијата на народниот правобранител, но има многу други кои се плашат да се одлучат на овој чекор.

„Граѓаните многу ретко поднесуваат претставки пред народниот правобранител, пред се поради страв, сметајќи дека доколку во јавноста се произнесат дека поднесуваат претставка по овој основ ќе имаат потешки консеквенци од страна на дискриминаторот“, вели Лилјана Илиевска, заменик народен правобранител, од Канцеларијата во Битола.

Многу реакции се упатуваат директно до собраниската Комисија за борба против дискриминацијата, која фунцкионира од донесување на соодветната законска регулатива, пред неполни две години.

„Сега засега нема потреба од менување на законот за заштита од дискриминација, но имаме идентификувано одредени слабости од овој закон во рамки на прекршочните одредби, односно висината на глобите кои ги плаќаат дискриминаторите“, потенцира Томислав Ортаковски, член на собраниската ресорна комисија.

Невладината организација „Мировна акција“ реализира проект за борба против дискриминацијата.

„Целта на овој регионален проект кој што е дел од мрежата „Регионални младински акции против дискриминацијата и милитаризмот“ е да се актуелизира потребата за зголемување и зајакнување на напорите за недискриминализација и демилитаризација во регионот на западен Балкан“, информира Александра Стојаноска, проектен асистент на невладината „Мировна акција“.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG